Томески: Дополнително ќе се утврдуваат причините за пожарот во Универзалната сала
- Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески изјави дека уште не се познати причините за пожарот што претпладнево избувна во Универзалната сала во Скопје. Како што рече, причините дополнително ќе ги утврди полициската екипа. Тој напомена дека нема повредени затоа што во моментот немало градежни работи.
Скопје, 9 април 2024 (МИА) - Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески изјави дека уште не се познати причините за пожарот што претпладнево избувна во Универзалната сала во Скопје. Како што рече, причините дополнително ќе ги утврди полициската екипа. Тој напомена дека нема повредени затоа што во моментот немало градежни работи.
Томески рече дека за кратко време пожарот бил ставен под контрола иако имале висока температура во самиот објект. Како што посочи, вкупно интервенирале со девет противпожарни возила и 24 пожарникари.
-Во 9 часот и 50 минути пријавена е дојава за настанат пожар во Универзална сала. Веднаш беа испратени две противпожарни возила од блискиот потцентар во населбата Тафталиџе коишто уште при доаѓањето забележаа висок столб од чад и веднаш побараа дополнителна помош. За релативно кратко време и благодарение на пожртвуваноста на колегите пожарот беше ставен под контрола иако имавме висока температура во самиот објект. Би сакал да се заблагодарам и на полициските службеници кои ни овозможија побрзо да пристигнеме, како и на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Водовод“ кои се потрудија континуирано да не снабдуваат со вода за да интервенцијата биде што е можно поуспешна, рече Томески.
Тој додаде дека нема повредени, она што го добил како информација е дека немало градежни работи во моментот, така што, поосочи, нема повредени, само материјалната штета е евидентна. Рече дека имало густ чад, висок столб на чад, температурата била многу висока и на соседните објекти кои се во непосредна близина. На салата има оштетување на ролетните.
-Штетата не можеме да ја констатираме сега. Не знаеме што се имало внатре, бидејќи настана колапс на кровната конструкција се уште се работи на догасување, има висока температура се уште во објектот, не може да се пристапи до сите места. Она што е битно за нас, интервенцијата е успешна од аспект на брзина на интервенирање и тоа што нема повредени пожарникари и граѓани, рече Томески.
Тој испрати апел до државните власти кои се надлежни за одобрување на вработување во противпожарните единици да го земат во предвид дека е потребно што е можно поскоро да се одобри вработување на нови пожарникари.
-Нашата единица функционира со пополнетост со 40 отсто што е недеволно. Во пресрет на летна сезона навистина не знаеме како ќе се одвиваат работите, но ни се потребни нови пожарникари што е можно побрзо да можеме да бидеме поекипирани и да можеме да одговориме на сите побарувања од нас, додаде Томески.бд/бт/
Фото: МИА