• понеделник, 23 декември 2024

Тирк: Апелирам до иранските власти да престанат со употребата на сила

Тирк: Апелирам до иранските власти да престанат со употребата на сила
Женева, 24 ноември 2022 (МИА) - Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, денеска пред Советот за човекови права во Женева ги повика иранските власти да престанат „со непотребната и непропорционална употреба“ на сила против демонстрантите во таа земја.
„Во моментов има целосна криза во Иран во однос на почитувањето на човековите права, рече Турк во своето прво обраќање пред 47-члениот Совет од почетокот на минатиот месец.
Според него, „ниту едно општество не може да се спротивстави на промените и покрај волјата на својот народ, бидејќи тоа е залудно“.
Шефот на германската дипломатија Аналена Бербок денеска повика на поголем мониторинг на Иран пред специјалната седница на највисокото тело за човекови права на ОН, на која денеска ќе се разговара за насилното задушување на антивладините демонстрации во таа земја.
Во соопштението Бербок наведува дека „луѓето во Иран, кои храбро и достоинствено ги бараат своите права, треба да бидат заштитени, поради што иранските власти ги апсат, мачат и убиваат“.
Советот на ОН за човекови права треба да расправа и да гласа за предлогот на Германија и Исланд, поддржан од десетици други земји, да се формира тим од независни истражители кои ќе ги следат кршењата на човековите права во Иран додека траат антивладините протести во земјата.
Предлогот на Германија и Исланд има за цел да го зајакне испитувањето на почитувањето на човековите права што со години го спроведува специјалниот известувач на Советот за Иран.
Седницата во Женева е последен обид на меѓународната заедница да изврши притисок врз Иран за неговото насилно задушување на протестите, што веќе предизвика воведување меѓународни санкции и други мерки.
Протестите во Иран започнаа во средината на септември поради смртта на 22-годишната Махса Амини, откако таа беше приведена од полицијата задолжена за строго спроведување на хиџабот.
За време на протестите во Иран, според активистите за човекови права во Иран, загинале најмалку 426 лица, а повеќе од 17.400 се уапсени. паг/
 

Остани поврзан