Тим од делчевската гимназија меѓу финалистите на новиот циклус на UPSHIFT Програмата
- Тим од средношколци од Делчево заедно со нивниот ментор втора година по ред се најдоа меѓу финалистите на UPSHIFT кампот, кој има за цел презентирање на социјални иновации кои се базираат на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина.
Делчево, 9 март 2023 (МИА) - Тим од средношколци од Делчево заедно со нивниот ментор втора година по ред се најдоа меѓу финалистите на UPSHIFT кампот, кој има за цел презентирање на социјални иновации кои се базираат на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина.
Во следните два дена, како што информираа од делчевската гимназија „М. М. Брицо“, тие активно ќе работат на креирање на иновативни решенија поврзани со намалувањето на загаденоста на почвата во нашата држава.
-И оваа година се вклучивме во оваа програма и UPSHIFT кампот кој се одржува во Струга, а која се однесува на социјални иновации, кои се базираат на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина. Чест и задоволство е да се биде меѓу десетте најдобри овој пат на тема почва и радосни сме што ги оправдавме очекувањата, по успехот кој го имаше нашиот тим кон крајот на минатата година, истакнаа од СОУ „М. М. Брицо“.
Финалистите во овој циклус, како што додадоа од делчевската гимназија, и овој пат се десет училишта, кои за време на кампот ги презентираат своите решенија на споменатата тема.
-Тимовите финалисти како и досега се натпреваруваат да бидат помеѓу петте победници кои ќе освојат 120 илјади денари за реализација на нивното решение, додадоа од делчевската гимназија.
За својата иновативна идеја „Електростатски филтер“, делчевските средношколци како дел од претходниот циклус од оваа програма, беа меѓу петте најдобри во државата.
Програмата UPSHIFT ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој. вс/мс/
Фото: СОУ „М. М. Брицо“