• петок, 22 ноември 2024

Тиквеш и Воска оптимисти пред утрешното финале од Купот на Македонија

Тиквеш и Воска оптимисти пред утрешното финале од Купот на Македонија

Скопје, 21 мај 2024 (МИА) – Со умерена доза на оптимизам, финалистите на фудбалскиот Куп на Македонија, екипите на Тиквеш и на Воска Спорт го очекуваат најважниот меч во нивните клупски истории.

Тренерите и капитените на двата тима веруваат дека можат да го направат последниот чекор на патот кон трофејот во најмасовното фудбалско натпреварување кај нас. 

- Кога сме веќе во финалето, секако дека сме тука и да го освоиме. Нема да бидеме скромни, сакаме да го освоиме пехарот. Верувам дека моите фудбалери ќе бидат максимално мотивирани и дека ќе ја заокружиме оваа сезона на најдобар можен начин. Победникот може да го реши еден момент, грешка или инспирација на одреден фудбалер, истакна тренерот на Тиквеш Ѓорѓи Мојсов на денешната заедничка прес-конференција.

За капитенот на кавадарчани, Александар Вареловски, финалето е голем успех, но евентуалното освојување на куп-трофејот би било „круна на успешната сезона“.

Шефот на стручниот штаб на Воска Спорт, Срѓан Захариевски искажа пофални зборови за противникот, но изрази надеж дека неговите фудбалери можат да победат. 

- Тиквеш има голема традиција, иако после толку години првпат кавадарчани стигнуваат до финале. Тие се хит во пролетниот дел од сезоната и сакам да им честитам за четвртото место на табелата кое е одлично остварување за Тиквеш. Сепак и ние сме во добра форма, долго време сме без пораз и дојдовме во Скопје да се надигруваме и да го освоиме Купот на Македонија. Еднаш бев учесник во финале како тренер на Металург и загубивме од Работнички. Се надевам дека сега со Воска Спорт ќе бидеме поуспешни и дека ќе ги оствариме нашите цели, рече Захариевски.

Слично размислува и капитенот на охриѓани Костадин Захов.

- Се надевам дека ќе успееме да стигнеме до пехарот. Блиску сме до пехарот, но треба и да се одигра финалето на најдобар можен начин.

Натпреварот ќе се игра утревечер од 19 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. зс/

Остани поврзан