• недела, 22 декември 2024

„Тиквешки вински пат“: Росоман ќе добие Центар за едукација во туризмот и руралниот развој

„Тиквешки вински пат“: Росоман ќе добие Центар за едукација во туризмот и руралниот развој

Росоман, 29 јануари 2023 (МИА) - Росоман ќе добие Центар за едукација во туризмот и руралниот развој, ќе гостуваат професионалци од целиот свет, тие ќе го пренесат своето искуство на сите оние коишто сакаат да се занимаваат со туризам и одржлив развој. Ова денеска го најави Виолета Јанкова, директор на Фондацијата „Тиквешки вински пат“.

Оваа Фондација претходно со над 500 илјади евра европски пари, заедно со росоманската локална самоуправа, ја реновираше старата училишна зграда. Јанкова рече дека се очекува Центарот да профункционира во тој простор, некаде околу месец март. Таа нагласи дека во меѓувреме, воспоставена е соработка со консултантски куќи кои работат проекти за ИПАРД, па, како што рече, полесно ќе може да се доаѓа до информации и начини на аплицирање. Притоа, откри дека ќе има и нови интересни манифестации и разни натпревари.

- Фондацијата „Тиквешки вински пат“ е зачетник на винскиот туризам во Македонија. Неформално започнавме со работа во 2003 година, а се регистриравме после три години. Така, пред 17 години, Фондацијата ги започна првите чекори кон развој на винскиот туризам, потсети Јанкова.

Таа се осврна на многубројните настани, што, како што рече, имаат цел промоција на македонското вино и винскиот туризам.

- Меѓу другото, поставени се и вински патни ознаки, заедно со Министерството за економија, организирани повеќе манифестации за верскиот празник „Свети Трифун“, што се смета за заштитник на лозарите и винарите. На наша иницијатива, пред неколку години се стартуваше со натпревари за закројување на виновата лоза, со настани за презентација на производи од грозје и вина, ракии и традиционална храна, карактеристични за ова поднебје. Фондацијата стана еден од водечките партнери во културните рути на ЕУ „Итер витис“ и реализираше повеќе проекти за реновирање на објекти во Тиквешијата, со цел развој на одржлив и вински туризам, соопшти директорката на „Тиквешки вински пат“.

Таа додаде дека од оваа година,  започнуваат со ново поглавје во работењето на Фондацијата. Јанкова рече дека преку нивни проекти, досега во Тиквешијата се инвестирани над еден милион евра европски пари, во разни објекти. свд/бд/

Остани поврзан