• сабота, 23 ноември 2024

Тетовскиот кореограф Бобан Трпковски создаде нов сплет на народни ора и песни „Подгор“

Тетовскиот кореограф Бобан Трпковски создаде нов сплет на народни ора и песни „Подгор“

Тетово, 4 ноември 2023 (МИА) - Кореографот Бобан Трпковски создаде нова кореографска постановка насловена „Подгор“ - Долни Полог. Тоа се сплет на народни ора и песни кои потекнуваат од Долни Полог односно селата познати под подрачното име Подгор, како што се Непроштено, Теарце и Лешок.

Ова е втора негова кореографска постановка која произлегува после долгото истражување на селата кои се наоѓаат под падините на Шар Планина од каде што произлегува и самото име Подгор.

-Целта на овој сплет на народни игри и песни е афирмацијата на македонскиот фолклор, култура, традиција, гласоечкото пеење како и народната носија од овој крај. Постановката претставува еден селски собор, каде што има присуство на млади девојки, млади невести, ергени и други социјални статуси од општеството. Сите овие ора и песни од Долни Полог низ годините населението ги творело и негувало на празници, веселби, собори и други случувања за да ги пренесе од колено на колено до ден денес, за да се преточи во една ваква кореографија која вреди да се проследи од секој еден љубител на македонскиот фолклор и традиција, изјави авторот Бобан Трпковски.

Ова најново кореографско дело ќе биде презентирано пред пошироката јавност со премиерна изведба на 11 ноември, сабота во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.  Новата кореографска изведба ќе ја извршат членовите на КУД „Кирил Пејчиновиќ“- Теарце заедно со вокално- играорски инструменталниот состав „Аманет“. Музичкиот аранжман е на Дарко Илиевски, додека костимограф е Коце Исајловски. ас/сх/

Фото МИА 

 

Остани поврзан