• петок, 22 ноември 2024

„Тесла“ со намалените цени си ги зголемува приходите по тримесечје

„Тесла“ со намалените цени си ги зголемува приходите по тримесечје

Лос Анџелес, 20 јули 2023 (МИА) - Американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ објави скок на приходите во второто тримесечје благодарение на намалувањето на цените, коешто ја зголеми побарувачката.

Приходите пораснаа за 47 отсто во споредба со истиот период лани, на 24,9 милијарди долари, според новиот квартален деловен извештај. Во второто тримесечје, „Тесла“ испорача рекорден број возила, т.е. повеќе од 466.000. Заработката така е зголемена за 20 отсто, на 2,7 милијарди долари. А, оперативната маржа - односот меѓу оперативната добивка и приходите, опаѓа трет квартал по ред и изнесува 9,6 отсто.

Деловниот извештај покажа и забележлив раст на трошоците за истражување и развој, за 22,3 отсто во однос на претходното тримесечје, на 943 милиони долари.

Исто така, се истакнува дека е во тек поставување опрема за производство на „Сајбертрак“ возила (Cybertruck) во огромната фабриката во матичната држава САД. Според соопштението, првите примероци ќе бидат испорачани до купувачите до крајот на годината.

Од почетокот на годината цената на акциите на „Тесла“ е повеќе од двојно зголемена.  си/ссм/

Фото: Официјална страница на „Сајбертрак“ на „Тесла“

Остани поврзан