• недела, 24 ноември 2024

Теренската кампања за подобра информираност на земјоделците во Неготино и Кавадарци

Теренската кампања за подобра информираност на земјоделците во Неготино и Кавадарци

Скопје, 9 март 2023 (МИА) – Во рамки на теренската кампања за подобра информираност на земјоделците, тимови од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Платежната агенција и Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, денеска беа во регионот на Неготино и Кавадарци, каде остварија повеќе средби со земјоделци.

Целта на овие средби, како што информираат од ресорното Министерство, е да се доближат новите мерки и програми до земјоделците за нивна подобра информираност и поттикнување да аплицираат на повиците што веќе се во тек или ќе се објават наскоро.

- Притоа беа споделени детални информации за новите мерки и програми, за јавните повици кои веќе течат и беа дадени насоки за промоција на активностите меѓу земјоделците во рамки на општините Неготино и Кавадарци, секој во својата општина да придонесе за подобра информираност на земјоделците, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Првата средба се одржала во Неготино на која присуствувале претставници на малите семејни винарии и сопственици на мали дестилерии, кои се потенцијални апликанти на новиот повик за мали винарии и десетилерии, којшто е во тек. Теренската агенда продолжила со посета на жени земјоделки од општините Кавадарци и Неготино, кои произведуваат маџун и ајвар кои биле информирани за јавниот повик за мали производители на храна од неживотинско потекло, а во Неготино, теренската активност продолжила со посета на малата семејна винарија Максимилијан која се наоѓа во селото Пепелиште.

Посебен тим ја посетил и компанијата Темов Фруит – откупувачи на трпезно грозје, каде што се разговарало за можностите што ги нуди новата ИПАРД 3 програма.

- Има доволно време до објавувањето на првиот повик за оваа програма, а овој период ќе биде искористен за теренски активности и запознавање на малите компании со предностите кои ги нуди оваа програма, велат од МЗШВ од каде дополнуваат дека кампањата со редовни теренски активности и средби со земјоделци и компании ќе продолжи и во наредниов период. ар/бак/

Фото: МЗШВ

Остани поврзан