Тензична ситуација пред и во албанскиот Парламент, повредени најмалку шест полицајци
- И покрај големото присуство на над 500 полицајци, демонстрантите се обидуваа да отстранат делови од металната ограда, во обид да влезат во собраниската зграда каде требаше да се одржи пленарна седница.
Тирана, 23 јули 2026 (МИА) - Како што беше најавено, денеска пред албанскиот Парламент се одржа уште еден протест, кој ескалираше во тензии меѓу демонстрантите и полициските сили.
И покрај големото присуство на над 500 полицајци демонстрантите се обидуваа да отстранат делови од металната ограда, во обид да влезат во собраниската зграда каде требаше да се одржи пленарна седница.
Тие фрлаа тврди предмети, домати и јајца кон полицискиот кордон и возилата на министрите, по што полицијата одговори со водени топови и солзавец. Најмалку шест полицајци беа однесени во болница со повреди здобиени од тврди предмети фрлани од демонстрантите.
Тензична ситуацијата беше и во Парламентот, пратениците на опозициската Демократска партија ја блокираа говорницата, поради што претседателот Нико Пелеши неколку пати даде пауза.
Сепак без дискусии владејачкото мнозинство, меѓу другото, со 82 гласа го отфрли барањето на опозицијата за продолжување на мандатот на комисијата за територијална реформа, најавувајќи брзо изгласување на законот за нова територијална поделба. Со новите законски одредби се предлага намалување на општините од 61 за најмалку десет, но финалниот текст сеуште не е готов.
-Не е вина на мнозинството што ДП го смета Собранието за ноќно училиште. Ова прашање, во врска со територијалната реформа, беше исцрпено на претходна седница. Ја нарекувам дискусијата затворена. Ние сме во фаза каде што секоја група може да покрене дискусии, извештаите се таму, ми е мило што е завршена добра работа, но сè има рок, изјави Таулант Бала, координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија, по седницата.
Лидерот на ДП, Сали Бериша, пак во изјава за медиумите рече дека парламентот треба да се распушти уште денеска, но на новинарско прашање дали тој лично е подготвен да се откаже од својот мандат како пратеник, Бериша не одговори. вт/сд/
Фото: скриншот