• вторник, 19 ноември 2024

Таравари: Констатирани одредени недостатоци при направен надзор во Клиниката за детски болести и во Клиниката за респираторни болести кај децата - „Козле“

Таравари: Констатирани одредени недостатоци при направен надзор во Клиниката за детски болести и во Клиниката за респираторни болести кај децата - „Козле“

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) - При направениот стручен надзор во Клиниката за детски болести и во Клиниката за респираторни болести кај децата - „Козле“, се констатирани одредени недостатоци и тоа системски, технички од аспект на опрема и стручни. Ова го подвлече денеска министерот за здравство Арбен Таравари. На прес-конференција, тој информираше за извршените стручни надзори, иницирани од  Министерството, во врска со двата случаи што завршија со смртен исход - за починатата родилка во ОБ - Куманово и за 14-месечното бебе во Клиниката за детски болести. 

Таравари информираше дека извештатите се подготвени од професионални компетентни специјалисти од соодветните области, со цел детално да се анализира севкупниот тек на лекувањето и третманот на пациентите во двата случаја.

Тој појасни дека при посетата на установите, комисиите вршат увид во целокупната медицинска документација, а истовремено се извршени разговори со сите членови на здравствените тимови, кои биле вклучени во лекувањето.

Зборувајќи за овие две клиники во Скопје, тој соопшти дека во делот на системски недостатоци, констатирано е непостоење на препораки или алгоритми за тријажа на пациентите при прием и понатамошен третман. 

- Исто така, констатирана е потреба од континуирана обука на докторите на Клиниката за детски болести за срцево-респираторна поддршка. Во однос на техничките недостатоци, во „Козле“ е констатирана потреба од соодветна апаратура за пружање респираторна поддршка - инвазивна и неинвазивна, појасни Таравари. 

Министерот додаде дека, исто така, констатирана е потреба од обезбедување видео-ларингоскоп за Детската клиника, како и унапредување во делот на организирање на транспортот на пациентите од една до друга установа.

- Од аспект на стручни забелешки, Комисијата за стручен надзор нотираше превид во проценката за потребата од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката извршен на 03.10, додека во Козле е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии и третманот, истакна министерот. 

Во врска со другиот случај, тој информираше дека бил извршен стручен надзор во ОБ - Куманово, каде се констатирани одредени административно-технички недостатоци.

- Но ,заклучок од Комисијата е дека - недостатоците не може да бидат директна или индиректна причина за акутното влошување на општата здравствена состојба на пациентката, исходот по новороденчето и смртниот исход на родилката. Исто така, Комисијата не констатираше пропусти во ниту еден аспект на пренаталниот менаџмент на пациентката од одговорните доктори во приватната здравствена установа по гинекологија и акушерство, каде била следена бременоста, соопшти министерот. 

Тој нагласи дека комисијата не констатирала никакви суштински пропусти и во амбулантското следење на пациентката, во рамки на пренаталните прегледи во ОБ - Куманово.

- Не се утврдени суштински пропусти ниту кај гинеколошкиот тим во текот на перипарталниот третман на пациентката, односно констатирано е дека тимот постапувал согласно постојните упатства и перинатолошки стандарди, подвлече Таравари на прес-конференцијата.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот рече оти, дека имаме крах во системот, се покажало кога беше пандемијата.

- И дека континуирано ни требаат и ни недостасуваат и средно медицински кадар и доктори и апаратура, тоа е општо позната работа. Ние континуирано работиме на тоа да ги доопремуваме клиниките, меѓутоа и да овозможиме што повеќе кадар да се вработи. Преку ноќ не можеме да смениме систем што полека колабира, посебно последните 10 - 15 години, нагласи Таравари.

Тој информираше и дека за првите 300 специјализанти би требало до крајот на годината да се објави конкурс за вработување, а тука ќе биле вклучени плус десетте најдобри студенти од сите три медицински факултети во државава. бд/нд/

Фото и видео: МИА 

Остани поврзан