Таневски: Предлог-мерки за поттикнување на развојот на науката, техничкото образование и иноваторството
- СООПШТЕНИЕ - Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, во своите јавни настапи и преку веб-страницата на Министерството, упати повик до наставничката фела и до јавноста за предлози и консултации во врска со неколку образовни теми.
Скопје, 24 јули 2024
Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, во своите јавни настапи и преку веб-страницата на Министерството, упати повик до наставничката фела и до јавноста за предлози и консултации во врска со неколку образовни теми. Во таа насока, како мој почетен прилог одлучив да објавам еден документ, што го подготвив пред околу 13 години за друга ама слична намена, затоа што во него најголем дел од предлозите се однесуваат за техничкото обрaзование и практичната настава како значајни чинители во развојот на иновативноста и иновативните производи. Се надевам дека овој текст ќе иницира поширока дискусија за наведените теми и дека изложените размислувања и предлози ќе бидат сериозно разгледани од Министерството за образование и наука.
Некаде во овој период пред 13 години, од страна на тогашниот претседател на Република Македонија, проф. д-р Ѓорѓи Иванов, беше основана работна група која требаше да даде предлози и идеи за развојот на науката, техниката и иноваторството во Македонија. Во таа група, составена од декани и професори од повеќе факултети, претставници од Народна техника, здруженијата на пронаоѓачи и фирми кои имаа иновативни производи, бев и јас како уредник на ЕМИТЕР. По тој состанок моите предлози, во консултација со колегите од Редакцијата, ги сублимирав во еден пишан документ и ги доставив до кабинетот на Претседателот. Но, како што и вообичаено се случува, работната група не продолжи со работа, а од сите дадени идеи и предлози не се реализира речиси ништо, освен Фондот за иновации и тоа во друга форма од предложената. Сметам дека изложените предлози и идеи од тогашниот текст се сосема валидни и денес, па затоа текстот го објавуваме во целост со надеж дека ќе поттикне поширока дискусија на наведените теми и ќе биде од полза за Министерството за образование во планирањето на следните активности и промени во македонскиот образовен систем.
Предлог-мерки за поттикнување на иновациите и иновативните производи од домашни автори и фирми
Воведот за значајот на иновациите и иновативните производи ќе го прескокнам, сметајќи дека е одамна апсолвиран, и веднаш ќе преминам на предлог-мерките за кои сметаме дека ќе дадат значаен придонес во зголемување на бројот и квалитетот на иновациите и иновативните производи од домашни автори и фирми. Некои од овие предлог-мерки можат да се реализираат многу брзо и брзо да се почувствуваат позитивни ефекти од нивната примена, а за некои е потребно повеќе време за нивна реализација, но ефектите од нив би биле значително поголеми.
1. Формирање на Технолошки парк
Многу иноватори, истражувачи и конструктори немаат можности да поседуваат специфична и скапа мерна опрема, а опремата која ја имаат одделни факултети, институти и поголеми фирми им е недостапна заради многу причини. Од друга страна Македонија е многу мала држава за да има за секоја област по неколку добро опремени лаборатории и истражувачки центри. Затоа и оние лаборатории и истражувачки центри кои ги имаме се релативно слабо опремени и искористени. Заради овие причини предлагаме формирање на Технолошки парк кој ќе има три главни функции:
• Првиот сегмент е повеќе добро опремени лаборатории и истражувачки центри кои ќе бидат достапни за секој поединец, фирма, училиште, факултет, установа, институција. Секоја лабораторија, освен неопходната опрема, треба да има и добро обучен кадар кој ќе може да раководи или да помага при извршување на бараните мерења и експерименти. Добивањето на термин за работа во таа лабораторија треба да биде врз основа на доставено барање со соодветно образложение за што треба да има пропишана прецизна процедура и критериуми. Лабораториите на технолошкиот парк можат да бидат најдобро опремени и најдобро искористени, што не е можно со иста таква лабораторија во некоја друга институција. На пример, ако сега државата има обезбедено 3 спектрометри во 3 различни институции на кои таков инструмент им е почесто потребен, тогаш голема е веројатноста дека ниеден од спектрометрите не е врвен (тие би чинеле многу пари), а исто така и дека ниеден од спектрометрите не се користи повеќе од неколку часови неделно. Но, ако наместо 3 просечни спектрометри државата вложи пари во еден врвен и тој да биде сместен во технолошкиот парк (значи достапен на сите), тогаш тоа е поевтино решение, тој инструмент ќе биде оптимално искористен и тоа од страна на повеќе истражувачи, а резултатите од тие истражувања ќе бидат релевантни и во светски рамки.
Кои и какви лаборатории и истражувачки центри ќе се формираат во склоп на технолошкиот парк е работа на поширока дискусија и елаборација. Затоа на тоа нема да се задржам, но ќе предложам една од нив да биде и астрономска опсерваторија за која локацијата и техничката опременост треба да ја дефинираат македонските астрономи.
• Вториот сегмент на технолошкиот парк би бил бизнис и развоен инкубатор, кој ќе се грижи за развој и финансирање на иновативни идеи и производи кои потекнуваат од поединци или од мали фирми. Тоа подразбира стручна помош за заштита на авторството, за изработка на функционален прототип, за натамошен развој на идејата/иновацијата во краен производ, помош во стартување на сопствено производство или помош во наоѓање на бизнис-партнер преку промоција на иновацијата кај потенцијалните бизнис-партнери и советодавна улога во меѓусебните договарања. Да не детализирам понатаму, само да додадам дека финансирањето на секој проект треба да биде по фази со цел да се заштити буџетот од непотребни трошоци за некои идеи/иновации за кои во некоја фаза ќе се заклучи дека немаат комерцијална иднина или научна подлога.
• Третиот сегмент на Технолошкиот парк треба да биде информативно-изложбениот, т.е. да има музеј на науката и техниката со соодветни тематски поставки каде што посетителите (главно ученици и студенти) ќе имаат можност да се запозаат со развојот на одделни гранки од науката и техниката, животниот и творечкиот пат на познатите научници и сл. Тука би влегле и неколку училници и амфитеатар каде што ќе се одржуваат разни предавања, стручни семинари, симпозиуми и слично.
Буџетот на технолошкиот парк треба да биде покриен од државата, но и од стопанството преку јавно приватно партнерство. Исто така, за некои услуги може и да се наплатува или по однапред подготвен ценовник или по претходен писмен договор меѓу заинтересираниот субјект за конкретниот проект и технолошкиот парк. Поточно, потребно е до максимум да се искористат сите можности за самофинансирање и одржлив развој. За финансирањето, како и за самата организација на функционирањето на технолошкиот парк, потребно е подетално да се анализираат искуствата во оваа сфера од други држави.
2. Организирање на Саем на науката и техниката
Ваков саем постои во повеќе држави и се организира на повеќе нивоа – од локално до државно ниво. Нешто слично кај нас би требало да се смотрите кои ги организира Народна техника за учениците од основните и средните училишта – “Смотра на млади техничари и природници”, за учениците од основните училишта и “Смотра на млади истражувачи”, за учениците од средните училишта. Но, овие смотри имаат главно училиштен карактер без речиси никаков одглас во медиумите и со скромен бенефит за учесниците. Главниот бенефит за победниците е што дипломите за освоено прво, второ и трето место од државните смотри носат дополнителни бодови при упис во средно училиште, односно факултет и што можат да се надеваат на некоја стипендија за талентирани, но тоа во пракса честопати и не се остварува. Сето ова не е доволно за учениците многу повеќе да се ориентираат кон природните и техничките науки. Саемот на науката и техниката би требало значајно да ја подобри постоечката состојба. За таа цел предлагаме:
• Саемот да биде државна манифестација под раководство на одбор составен од претставници на повеќе институции, од претставници на Народна техника и Министерството за образование и наука, па до претставници од повеќе компании и медиуми.
• Да се одржи во соодветен поголем простор (саемска хала, спортска сала и сл.) и да трае барем 3 дена (петок-недела) со цел да биде посетен од повеќе посетители и медиуми.
• Да се презентираат практични трудови од повеќе научно-технички дисциплини (барем 20) и тоа во неколку или најмалку три возрасни категори (основци, средношколци и студенти).
• Трудовите кои ќе бидат презентирани на саемот претходно да бидат селектирани од комисија од добиените на посебен конкурс. Конкурсот да биде добро изрекламиран на медиумите и да биде доставен до сите училишта.
• Посебна комисија да ги прогласи најдобрите во секоја дисциплина, а победниците, освен диплома и медал, задолжително да добијат и соодветна стипендија (барем за наредната година). За ова да биде остварливо претходно ќе треба да се формира фонд за стипендирање преку државно-приватно партнерство (дел од буџетот на фондот да го дава државата, а дел заинтересирани компании од стопанството). На пример, ако за првиот наградата е едногодишна стипендија од 6000 ден./месечно, за вториот 4000 денари и за третиот 2000 денари, тогаш потребен е фонд од 12000 ден х 20 дисциплини х 3 возрасни категории х 12 месеци = 8 640 000 денари = 140 000 евра. Ако оваа сума е многу голема, тогаш да се оди барем со еднократна пристојна парична награда.
• Освен учениците, потребно е да се стимулираат и нивните наставници и самите училишта од кои доаѓаат. Затоа и за најуспешните наставници и училишта треба да се обезбедат соодветни вредни награди.
• За организирање и раководење со саемот може да биде надлежна некоја од постоечките институции (на пр. МОН или Народна техника), да биде во надлежност на Агенцијата за иновации која беше спомната на состанокот кон крајот на април, да биде во надлежност на технолошкиот парк (кога тој ќе се формира) или пак да се формира посебно правно лице за оваа манифестација.
3. Задолжително техничко образование во основните училишта
Предметот Техничко образование (ТО, ОТП, ПТО) е единствениот предмет што основците ги насочува кон средните технички училишта, а последнава деценија тој е маргинализиран – во 5. одделение застапен е со 2 часа неделно, во 6. оддление со 1 час неделно, а во 7. и 8. е ставен како изборен при што учениците треба да бираат помеѓу ТО и Информатика, па главно се определуваат за Информатика. Така учениците немаат можност да се запознаат со техничките дисциплини (градежништво, металство, машинство, електротехника, електроника...), лишени се од можноста да стекнат соодветни практични вештини и така евентуално да развијат интерес и љубов кон одредена струка, па затоа логично е она што се случува – слабиот интерес за запишување во средните технички училишта. Ова понатаму предизвикува помал број на студенти на техничките факултети, недостиг на стручен кадар во стопанството и помал број на технички иновации и производи. Затоа предлагаме предметот Техничко образование да се врати како задолжителен предмет, да биде застапен најмалку во трите последни години од основното образование и со најмалку 2 часа неделно. Притоа и наставната програма да претрпи соодветни промени во насока на внесување на современи теми (електроника, енергетика, обновливи извори, енергетска ефикасност, механика, мехатроника, роботика...) и да се стави поголем акцент кон практични градби кои ќе бидат реализирани на самите часови со минимална домашна работа (за да се избегне актуелната ситуација кога тие практични градби се задаваат како домашна работа, па главно ги прават родителите).
4. Техничко образование во гимназиите
Гимназиите нудат општо образование и подготвуваат кадри за продолжување на образованието на факултетите. Единствени предмети кои ги насочуваат гимназијалците кон техничките факултети се математика и физика, но тоа не е доволно – потребно е и техничко образование каде што учениците ќе се запознаат со повеќе технички дисциплини, ќе стекнат одредени практични вештини од нив и ќе го осознаат функционалниот спој помеѓу теоријата и практиката. Запознавањето со основната теорија и практика од повеќе технички дисциплини ќе ги претвори математиката и физиката од апстрактни, сувопарни и одбивни предмети во предмети (научни дисциплини) со јасна врска и примена во реалниот живот, а истовремено учениците ќе можат да стекнат вистинска слика и љубов кон повеќе технички гранки и професиии и така да се определат да студираат и работат во некоја од нив. Затоа предлагаме во гимназиите да се воведе техничкото образование и тоа на две нивоа.
Првото ниво би било во прва и втора година, каде што тој би бил задолжителен предмет со 2 часа неделно со наставна програма која би била логично продолжение на онаа од основното образование.
Второто ниво би било во трета и четврта година каде што техничкото образование треба да се вклопи во изборните подрачја и предмети. Едниот начин е да се направи измена во постојното изборно природно-математичко подрачје (комбинација А) и да се внесе предметот Техника и техологија во трета и четврта година. Вториот и, според нас, подобриот начин е да се направи посебно изборно подрачје (математичко-техничко) каде еден од трите изборни предмети ќе биде предметот Техника и технологија со 3 часа/неделно и со содржини од повеќе техничко-технолошки дисциплини (обработка на материјали, градежништво, металство и машинство, електротехника, енергетика, електроника итн.). Содржините на овој предмет да бидат сообразени со актуелниот миг, а најмалку 30% од програмата да се реализира преку изработка на практични проекти на самите часови, но делумно и како домашна и истражувачка работа. Останатите два предмета во ова изборно подрачје можат да бидат Математика (напредно ниво), Физика (напредно ниво), Програмирање, Основи на конструирање...
5. Унапредување на практичната настава во средните стручни училишта
Општа е констатацијата за недоволната практична оспособеност на завршените ученици од средните стручни училишта. Долги години бев професор по практична настава и добро ми се познати состојбите на ова поле – недоволниот број на часови, лошата опременост, несоодветните наставни програми, немањето соработка помеѓу училиштата и стопанството итн. Последниве години многу е направено за опремување на училишните работилници со современи машини, алати, мерни инструменти и нагледни средства и со тоа треба да се продолжи. Но, истовремено треба да се направат напори да се зголеми бројот на часовите по практична настава, наставните програми да се сообразат со потребите на стопанството, а во практичните вежби и проекти кои ги изработуваат учениците да се внесе иновативност и натпреварувачки дух. Во насока на ова последново во јунскиот број на Емитер, во репортажата за картингот на учениците од СОУ “Гошо Викентиев” од Кочани, поттикнати од нивната инвентивност дадовме еден предлог до МОН и стручните училишта. Во оваа пригода ќе го образложам повторно во кратки црти.
Во склоп на практичната настава, покрај изработката на поедноставни делови и склопови, предлагаме да се организира и изработка на целосни направи, машини и уреди, т.е. реализација на практични проекти што се од интерес на третирање на соодветното стручно училиште. За машинските и автосообраќајните училишта тоа може да биде токму картинг-возило. Овие активности потребно е Министерството за образование да ги финансира во смисла на покривање на дел од материјалните трошоци (предлог-сума за почеток може да биде околу 500 евра по проект), а на крајот на учебната година во рамките на некоја јавна манифестација (можеби на претходно спомнатиот Саем на науката и техниката), овие проекти нека бидат оценувани по повеќе параметри како: дизајн, квалитет, иновативност…, а училиштата со најдобри проекти да добијат соодветни награди. Сметаме дека со изработка на реални и функционални проекти и со внесување на натпреварувачкиот дух значајно ќе се подигне нивото на практичната настава и иновативноста на наставниците и учениците со што стручното образование ќе добие на квалитет и тоа токму во оној сегмент кој е од витално значење за стопанството на Македонија.
6. Подигнување на нивото на МАКИНОВА
МАКИНОВА е македонската изложба на пронајдоци, иновации, нови производи и младинско творештво, но ова последново треба да се тргне од оваа манифестација. Причина за овој предлог е што за младинското творештво има посебни манифестации (спомнатите смотри на Народна техника и предложениот Саем на науката и техниката), но и затоа што вклучувањето на младинските трудови (во кои најчесто има само репродукција на познати работи без никаква иновативност) и нивното рангирање заедно со вистинските пронајдоци и иновации го симнува нивото на МАКИНОВА. Токму затоа многу фирми и поединци кои имаат сериозни пронајдоци и иновации во последните години воопшто не доаѓаат на оваа изложба.
Понатаму, во насока на подигнување на нивото на МАКИНОВА потребно е и да се заострат критериумите за награди. Комисијата да има стручни лица од сите области и да ѝ се овозможи подолго време за увид во пронајдоците со цел да се изгради правилна оценка за квалитетот на пронајдокот/иновацијата/производот. Затоа неопходно е еден од главните услови при поднесување на апликацијата таа да содржи комплетен и прецизен опис на пронајдокот/иновацијата/производот и листата на учесници да се затвори барем 7 дена пред почетокот на МАКИНОВА (сега се случува учесници да дојдат на самата изложба и тоа со многу скромна документација, па комисијата ниту има доволно информации ниту време за правилно вреднување на експонатот). Да се направи силна кампања во медиумите и во производните фирми и да се обезбедат вредни награди кои ќе бидат стимул за натамошна работа. Да резимирам: МАКИНОВА треба да биде изложба само на пронајдоци, иновации и нови производи кои ќе бидат селектирани според прецизни критериуми, оценувани строго од компетентна комисија и наградени со вредни награди. На овој начин ќе се даде поттик на сите иноватори и иновативни фирми што секако ќе придонесе за прогрес во стопанството.
Сега организатор на МАКИНОВА се СПАТУМ и Народна техника и тоа го прават со многу скромен буџет. За да се реализираат претходно дадените предлози потребен е поголем буџет, а веројатно во организацијата ќе треба да се вклучат и други институции (МОН, Агенција за иновации...).
7. Популаризација на пронаоѓаштвото и иноваторството
Патентниот завод (Заводот за заштита на индустриската сопственост) да ги направи јавно достапни издадените патенти во комплетна форма (сега има само апстракт). Во цел свет вообичаена пракса е издадените патенти (дури и патентните пријави) да бидат јавно достапни. Патентниот завод да ги популаризира прифатените патенти преку посебен зборник или преку ЕМИТЕР. Во соработка со Заводот преку ЕМИТЕР би можеле да ги прикажуваме на пошироката јавност сите одобрени патенти или само најинтересните патенти (по наш избор) или пак да правиме рецензија на дел или сите примени технички пронајдоци во рубриката ЕУРЕКА.
МРТВ задолжително да воведе посебни редовни емисии за промоција на иноваторството со задолжителен гостин-експерт од соодветната област. Да се најде начин за поддршка на вакви емисии и статии и во другите електронски и печатени медиуми (можеби преку МОН или преку Агенцијата за иновации или технолошкиот парк).
Слободан Таневски, главен и одговорен уредник на списание ЕМИТЕР
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.