• понеделник, 23 декември 2024

Сценаристите достигнаа „срамни“ 100 дена од штрајкот во Холивуд

Сценаристите достигнаа „срамни“ 100 дена од штрајкот во Холивуд

Лос Анџелес, 10 август 2023 (МИА) - Холивудските сценаристи го одбележуваат 100-от ден од штрајкот којшто „ја уништува индустријата“ како „срам“ за филмските студија, како што наведуваат штрајкувачите, додека двете страни остануваат во ќорсокак.

Штрајкот на Здружението на сценаристите во Америка (ВГА) бргу затвори безброј филмски снимања и продукции, чинејќи ја филмската и ТВ-индустријата милиони долари секој ден, но двете страни едвај зборуваат меѓу себе оттогаш. Филмските и телевизиските писатели на сценарија стапија во штрајк во мај поради барањата за подобра плата и хонорари, гаранции за идната употреба на вештачката интелигенција и други работни услови.

Хаосот во забавната индустрија се продлабочи минатиот месец кога на сценаристите им се придружи и Здружението на филмски уметници (САГ-АФТРА) кое има слични барања.

„Одбивањето сериозно да се сфатат разумните предлози на сценаристите заврши со штрајкот на ВГА што досега трае 100 дена. Тоа служи само како срам за студијата. Студијата ја сносат целосната одговорност за над тримесечното неработење на (филмската, б.п.) индустрија и за болката што им ја предизвикува на работниците и на сите останати чија егзистенција зависи од оваа стопанска гранка“, се вели во соопштението на ВГА.

Се додава и дека „трошоците за решавање на штрајковите на ВГА и САГ-АФТРА се многу помали од штетата од непопустливоста“ на продукциските куќи.

Студијата возвратија со кратко соопштение оти реториката на сценаристите „води кон пропаст“.

„Овој штрајк им наштети на илјадници луѓе во оваа индустрија и ние го сфаќаме ова многу сериозно. Нашиот единствен водич е тоа како да ги вратиме луѓето на работа“, се вели во реакцијата на филмските продукциски куќи.

ВГА предупреди: „На крајот на краиштата, студијата немаат друг избор освен да направат фер договор“. Дотогаш, се вели, остануваат решителни и обединети.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан