• недела, 22 декември 2024

Сунак: Војната во Газа мора да заврши

Сунак: Војната во Газа мора да заврши

Лондон, 7 април 2024 (МИА) - Обединетото Кралство е потресено од крвопролевањето во Газа и оваа страшна војна мора да заврши, изјави денеска британскиот премиер Риши Сунак.

-Поминаа шест месеци од терористичкиот напад на 7 октомври - најстрашниот напад во историјата на Израел, рече премиерот.

На 7 октомври, милитантите на Хамас започнаа напад во јужен Израел, убивајќи 1.170 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили беа убиени тој ден, според официјалните израелски податоци. Повеќе од 250 луѓе беа киднапирани и однесени во Газа, каде што 129 лица се уште се во рацете на киднаперите. Се претпоставува дека над 30 од нив се мртви. По нападот, Израел започна офанзива против Појасот Газа, при што загинаа повеќе од 33.000 луѓе, според локалното Министерство за здравство.

-Продолжуваме да го браниме правото на Израел да ја победи заканата од терористите на Хамас и да ја брани неговата безбедност, рече Сунак и додава дека Обединетото Кралство е шокирано од крвопролевањето и од убиството на британските хуманитарни работници кои доставуваа храна до оние на кои им е потребна.

Седум хуманитарни работници, меѓу кои тројца Британци, беа убиени во понеделникот на палестинската територија во напад на израелско беспилотно летало. Убиените го следеа истоварувањето на помошта во храна.

-Оваа страшна војна мора да заврши. Заложниците мора да бидат ослободени. Помошта мора да тече. На децата од Газа им треба итна хуманитарна пауза што ќе доведе до долгорочен одржлив прекин на огнот. Тоа е најбрзиот начин да се ослободат заложниците и да се добие помош за Газа, продолжува Сунак.

Поддршката на Велика Британија за Израел не е безусловна, изјави истовремено британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, пренесе ДПА.

Шест месеци по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, кој го предизвика конфликтот во Појасот Газа, Камерон издаде предупредување за усогласеноста на Израел со меѓународното право.

Џон Чепмен (57), Џејмс „Џим“ Хендерсон (33) и Џејмс Кирби (47) беа тројцата британски хуманитарни работници кои загинаа во нападите со беспилотни летала на израелските сили.

Израелските сили го опишаа инцидентот како „сериозна грешка како резултат на сериозен неуспех“ и како резултат отпуштија двајца полицајци.

Но, Камерон рече дека „нема сомнеж каде лежи вината“, додавајќи: дека „ова никогаш повеќе не смее да се повтори“.

Во меѓувреме, беше објавено дека брод на британската кралска морнарица ќе биде испратен за да помогне во испораката на поголема помош за Газа, соопшти Британија, пренесе ДПА.

Заедно со бродот, кој не е именуван од безбедносни причини, владата објави пакет од 9,7 милиони фунти (12,2 милиони американски долари) со хуманитарни материјали, логистичка експертиза и поддршка за опремување на хуманитарниот коридор на Источниот Медитеран.

Испраќањето на бродот и помошта доаѓа откако министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Камерон предупреди дека „можноста за гладување е реална“ во Газа. мс/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан