Сунак бара Горниот дом на парламентот да престане да го блокира „Законот за Руанда“
- Британскиот премиер Риши Сунак денеска го повика Горниот дом на Парламентот да ја прекине блокадата на законот со кој ќе се дозволи депортирање на барателите на азил во Руанда
Лондон, 22 април 2024 (МИА) – Британскиот премиер Риши Сунак денеска го повика Горниот дом на Парламентот да ја прекине блокадата на законот со кој ќе се дозволи депортирање на барателите на азил во Руанда.
Предлог-законот повеќе месеци се развлекува помеѓу двата дома на британскиот Парламент, а Горниот дом на лордовите упорно го одбива и со амандмани го враќа на доработка. Домот на лордовите нема законско право да го суспендира законот, но мора да го изгласа за да стане важечки.
Британската владејачка Конзервативна партија сака да испрати голем број баратели на азил во Руанда за да ги одврати мигрантите од опасниот премин на Ла Манш со мали, нестабилни чамци. Во изминатите две години тројца британски премиери се обидоа да го спроведат планот закочен поради голем број судски пресуди и силното противење на активистите, кои тврдат дека тоа е незаконски и нехумано.
Сегашниот предлог-закон, познат како „Законот за безбедност“ или едноставно „Законот за Руанда“ е создаден како одговор на одлуката на британскиот Уставен суд со која се блокирани депортациите во Руанда, бидејќи Владата не може да ја гарантира безбедноста на мигрантите испратени во оваа африканска земја.
По потпишувањето на новиот договор со Руанда со кој се зајакна заштитата на мигрантите, Владата предложи нов закон со кој земјата се прогласува за безбедна. ми/
фото: ЕПА