• понеделник, 23 декември 2024

Судски совет: Номинацијата на членови на УО во АСЈО е направена на транспарентен и отчетен начин на јавната седница

Судски совет: Номинацијата на членови на УО во АСЈО е направена на транспарентен и отчетен начин на јавната седница

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Судскиот совет на транспарентен и отчетен начин, на јавната седница одржана на 24 октомври годинава изврши номинација на членови на Управниот одбор во Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите кои се членови на Судскиот совет. На седницата беа истакнати аргументи и дадено образложение кои се во насока на законитоста и оправданоста на таквата одлука, односно номинација, а истото беше сторено пред присутната јавност на седницата, информираат од Судскиот совет, по реакциите во јавноста во врска со номининацијата на членови на Управниот одбор на АСЈО.

Во конкретниот случај, во соопштението од Судскиот совет, се вели дека не може да се примени чл.44 ст.4 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, бидејќи членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители се од редот на судиите и јавните обвинители, кои по закон се веќе претходно избрани и именувани лица, а во поткрепа на законитоста на одлуката на Советот е и досегашната пракса.

- Неспорно е дека Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители одлучува по приговори на кандидатите во АСЈО, кои по завршување на Академијата ги избира Советот, но неспорно е и дека во постапката за избор учествува и Врховниот суд на Република Северна Македонија, кој одлучува по жалби на неизбраните кандидати кои завршиле Академија. Значи ли тоа дека во случајов е незаконита и номинацијата на судија од Врховниот суд за член на Управниот одбор во АСЈО поради судир на интереси?, подвлекуваат од Судскиот совет. 

За надминување на изнесените дилеми во јавноста, околу начинот и постапката за номинација, Судскиот совет, како што информираат оттаму, веќе започнал постапка за  изготвување на подзаконски акт, со кој ќе се регулираат условите и постапката за сите номинации кои се во надлежност на Советот. аа/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан