• недела, 22 декември 2024

Судот во Филаделфија не успеа да го спречи Маск да им дели по милион долари дневно на избирачите

Судот во Филаделфија не успеа да го спречи Маск да им дели по милион долари дневно на избирачите

Вашингтон, 5 ноември 2024 (МИА) - Обвинителот од Филаделфија не успеа да го спречи технолошкиот милијардер и поддржувач на Трамп, Илон Маск, да продолжи со неговата контроверзна распределба на пари на гласачите.

Државниот судија во Пенсилванија вчера го одби барањето за судска забрана, објавија американските медиуми. Одлуката е главно симболична, бидејќи дневната распределба на еден милион долари за едно лице секој ден завршува денеска, на денот на изборите.

Маск најави дека до изборите ќе подарува по еден милион долари дневно на регистриран гласач во особено спорните американски држави. Првите чекови од милион долари ги предаде во Пенсилванија. Државата може да биде особено важна затоа што има 19 изборни гласови. За победа на претседателските избори потребни се 270 електорски гласови.

Окружниот обвинител на Филаделфија, Лари Краснер, го обвини Маск и неговата организација „America PAC“ дека воделе „нелегална лотарија“. Краснер тврдеше дека натпреварот на Маск го прекршува законот во Пенсилванија кој бара сите лотарии во државата да бидат регулирани од државата. Од страната на Маск возвратија дека нема случајна распределба. Поединците кои ги добивале парите биле платени за нивната амбасадорска улога во Комитетот за политичка акција (PAC).

Целта на иницијативата е регистрирање на гласачи кои потпишуваат петиција за слободата на изразување и „правото на носење оружје“. Го лансираше организацијата на Маск „America PAC“, која го поддржува републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп.

Според американскиот изборен закон, противзаконски е да им се плаќа на граѓаните да гласаат или да се регистрираат за гласање. Маск изјави дека подарокот од милион долари има за цел да привлече поголемо внимание на петицијата. Критичарите, сепак, гледаат проблем во тоа што можат да учествуваат само регистрирани гласачи. Може да се протолкува дека парите даваат поттик за регистрација. Американското Министерство за правда издаде предупредување. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан