• понеделник, 23 декември 2024

Струшката полиција ќе спречува пукање на свадби и неовластено користење огномети

Струшката полиција ќе спречува пукање на свадби и неовластено користење огномети
Струга, 25 јули 2022 (МИА) - Преку контроли и превентивни мерки Одделението за внатрешни работи - Струга ќе работи на спречување на пукање од огнено оружје на семејни веселби, неовластена употреба на огномети и користење пиротехнички средства на свадби и други веселби. Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски денеска информира дека сите вакви нелегални активности ќе бидат соодветно санкционирани со поднесување соодветни прекршочни и кривични пријави. - ОВР Струга отпочна со засилени контролни активности за откривање и санкционирање на пукање од огнено оружје, неовластено употреба на огномети и користење на пиротехнички средства на свадби и други свечености. Ќе се преземаат контроли, превентивни и репресивни мерки за спречување на оваа незаконска појава која значи нарушувања на јавниот ред, на семејни веселби со пукање од пиштоли и друго огнено оружје, неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства, истакна Димоски. Пукањето, појасни, е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок, се движи од 200 до 500 евра. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години. - Потсетуваме дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а организаторите навреме да ги спроведат пропишаните превентивни мерки, рече Димоски. Упати апел до граѓаните, свадбите и другите семејни веселби, да ги слават без употреба на оружје со што, ќе ги избегнат опасностите од нивната употреба по животот на славениците и ќе овозможат безбедно прославување на семејните прослави. сс/цр

Остани поврзан