• недела, 22 декември 2024

Стојанов за МИА: Општина Неготино е против инвестиции како инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад 

Стојанов за МИА: Општина Неготино е против инвестиции како инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад 

Неготино, 23 октомври 2024 (МИА) - Општина Неготино е против инвестиции како инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад. Ова го изјави денеска за МИА, градоначалникот Горан Стојанов, откако синоќа екологисти рекоа дека се против ваков капацитет. 

- Ставот на Општината, е, против вакви инвестиции, рече тој. 

Стојанов одговори потврдно, на нашето прашање дали локалната самоуправа ќе даде негативно мислење на намерата на инвеститорот. 

Синоќа реагираа неготинските екологисти од регионалното еколошко здружение ,,Ековита" од Неготино, во врска со известувањето за намера за спроведување ваков проект на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во изјава за МИА, тие истакнаа дека нема да дозволат изградба на инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад.

- Да, точно е, има инвеститор од Скопје  заинтересиран за поставување инсталација за термичка декомпозиција на пластика и пластичен отпад со капацитет од 35 тони на ден во постоечки објект лоциран на катастарска парцела во атарот на неготинското село Тремник. Замислете, според нашите информации, инвеститорот сака да премести постоечки објект од Западна Македонија во неготинско, подвлече Сашко Тодоров, претседател на здружението. 

Тој потсети дека неготинци досега имаат водено неколку битки против заинтересирани  инвеститори потенцијални загадувачи. Притоа, истакна дека екологистите се надеваат дека неготинската локална самоуправа ќе даде негативно мислење во врска со намерата на заинтересираниот инвеститор.

- Нема да дозволиме вакво нешто во регионот на грозјето и виното, со ресурси за развој на винскиот туризам. Ги потсетуваме општинските власти дека со нас потпишаа зелен договор пред локалните избори, со што се обврзаа дека нема да прифатат потенцијални загадувачки индустрии, нагласи Тодоров.

Тој додаде дека за новиот потенцијален еколошки удар дознале токму вчера во Неготино, токму во време кога се одржуваше  работилница за еколошка правда. свд/дма/


Фото: МИА архива

Остани поврзан