• петок, 22 ноември 2024

Стојанов до жителите на Пустец: Ако не се запишете како етнички Бугари на пописот, вашите бугарски државјанства ќе бидат одземени

Стојанов до жителите на Пустец:  Ако не се запишете како етнички Бугари на пописот, вашите бугарски државјанства ќе бидат одземени

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) – Претседателот на бугарската фондација „Македонија“ Виктор Стојанов упати отворена закана до жителите на Пустец, во Алабанија, каде живее македонското малцинство, доколку на претстојниот попис не се пишат како етнички Бугари ќе им бидат одземени бугарските државјанства. Во бугарското Собрание во процес се и законски измени со кои, како што објави бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев ќе бидат јавно објавени сите што земале бугарско државјанство во изминатите 22 години.

-  До сите жители на општина Пустец, Албанија: Ако не се запишете како етнички Бугари на пописот, вашите бугарски државјанства ќе бидат одземени во најкраток рок, а ако сте во процедура, постапките ќе ви бидат прекинати. Веќе имаме еден таков случај. Размислете, објави на Фејсбук Виктор Стојанов.

Бугарските парламентарци, претходно неделава без дебата ги разгледаа и поминаа на прво читање предлог измените на Законот за бугарско државјанство, поднесен од лидерот на „Преродба“ Костадин Костадинов и група пратеници од 10 мај 2023 година, како и тие на  Николај Алгафари (ГЕРД-СДС) и група народни пратеници и Радомир Чолаков (ГЕРБ-СДС) и група народни претставници.

Гласањето на измените го поздрави и бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, порачувајќи дека неговата „лична битка повеќе од десет години е на пат, конечно да стане реалност“.

- 1. Церемонијата за добивање бугарско државјанство ќе биде свечена и јавна. 2. Регистарот на сите приматели на бугарско државјанство станува јавен. Со последната измена јавно ќе бидат познати сите наши сонародници од Република Северна Македонија кои се стекнале со бугарско државјанство во последните 22 години врз основа на докажано бугарско потекло и декларација за бугарска самосвест. Така, овие над 120.000 македонски Бугари, меѓу кои и многу поранешни и сегашни политичари, пратеници, министри, градоначалници, раководители на сектори, раководители на партии, сопственици на медиуми и телевизии, новинари, коментатори, како и нивните семејства ќе бидат јавно заштитени од говорот на омраза и дискриминацијата на македонските институции поради тоа што се чувствуваат Бугари. Очекувам брзо усвојување на второто читање на измените на законот!, објави на Фејсбук Ковачев.

Стојанов, кој е претседател на бугарската фондација „Македонија“ често се наоѓа во фокусот на јавноста со своите објави на Фејсбук, како што е понудата од 200 евра за идентитетот на македонскиот полицаец од граничниот премин Деве Баир, додека преку фондацијата нуди и пари на македонски деца што ќе го учат бугарскиот јазик и разни понуди за преземање на фудбалски клубови, меѓу кои и за Вардар.  

Во Албанија во тек е пописот на населението кој треба да трае до 30 октомври. Изминатиот период голем број бугарски активисти, претставници на власта, невладини организации беа многу активни меѓу Македонците во Албанија обидувајќи се да ги убедат дека се Бугари. Се ветуваат пасоши, стипендии, бесплатно школување во Бугарија и работа. аа/ац/

Фото: ФБ Виктор Стојанов/Андреј Ковачев

Остани поврзан