• понеделник, 23 декември 2024

Стопанска комора на Северна Македонија: Законите кои ги штитат должниците создаваат негативи услови за економски развој

Стопанска комора на Северна Македонија: Законите кои ги штитат должниците создаваат негативи услови за економски развој

Скопје 13 март 2024

Владеење на правото и јасна и прецизна регулатива се основни предуслови за поволна бизнис клима, креирање нови работни места, инвестиции и поголем економски раст. Оттука, Стопанската комора на Северна Македонија апелира до сите надлежни институции носењето на законски решенија, било да е тоа преку измени и дополнувања или сосема нови закони, да се реализира низ транспарентна процедура и во широка консултација со бизнис заедницата и со сите други засегнати страни. Тоа е единствениот начин кој ќе овозможи законската рамка да биде соодветна и да овозможува правна рамка која ќе ги штити и интересите на заедницата, вклучувајќи го и бизнис секторот, како нејзин највитален и нераскинлив дел.

Измените на Законот за облигациони односи и Законот за извршна постапка кои беа донесени минатата година се исклучително штетни за компаниите и за граѓаните. Законските измени со кои се предвидува бришење на долговите постари од 10 години, креираат правна несигурност и директно влијаат негативно врз целокупната бизнис клима. Имено, едно од основните начела на бизнисот е гаранцијата за наплатување на побарувањата кои произлегуваат од деловните активности. Дополнително на тоа, ваквата правна рамка која создава финансиска несигурност и ги штити должниците наместо доверителите, не се практикува во ниеден друг правен систем, во било која земја во светот.

Со оваа регулатива се погодени сите сектори во земјава, без исклучок. Кај дел од компаниите со овие законски измени се генерираат загуби по основ на отпис на долгови и по неколку милиони евра, што ќе се одрази негативно врз натамошното работење, а ќе влијае и врз зголемувањето на цените на услугите.

Имајќи предвид дека овие законски решенија создаваат финансиски загуби за македонските компании, Стопанската комора на Северна Македонија е во отворен дијалог со сите релевантни институции за изнаоѓање на соодветно решение кое нема да биде на штета на било која страна. Покрај тоа, измените на овие законски решенија ќе бидат една од точките за кои ќе дискутираме за време на средбите со сите релевантни политички чинители и ќе бараме итни и конкретни законски решенија.

 

Стопанска комора на Северна Македонија 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан