• понеделник, 23 декември 2024

Стопанска комора и Македонија 2025: Имаме заедничка визија - да создадеме посилни бизниси и подобро деловно опкружување

Стопанска комора и Македонија 2025: Имаме заедничка визија - да создадеме посилни бизниси и подобро деловно опкружување

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески денеска, по средбата со раководството на Македонија 2025, уште еднаш повика на обединување меѓу сите релевантни фактори во државата, но и на заедничко, практично делување за економски просперитет. Повторно укажа на потребата од подигнување на степенот на владеењето на правото и на пазарната економија, како и на запирање на сивата економија, но ја потенцира и важноста од подобрување на образовниот систем. Најави прецизни, јасни акции и заеднички проекти со бизнисот од дијаспората, а врвен приротет, рече, ќе биде дигитализацијата на општеството.

Потребни се, рече Азески, професионализам, упорност, прифаќање на добрите искуства, регионализација и инкорпорирање во интеграциските системи. Според него, имаме доволно искуство и знаење, но грешката е во тоа што земјава цело време се потпирала на надворешни решенија.

Северна Македонија, додаде, мора да биде самоуверена дека може да стане држава од европски, светски тип.

-Самоувереноста, одговорноста и вербата во себе се трите волшебни зборови што и се потребни на државата за да успее во наредниот период. Дајте уште еднаш да се обединиме на заедничка платформа и заеднички приоритет за да направиме нешто подобро за државата. Мислам дека имаме доволно искуство и знаење, а Стопанската комора ќе го води процесот што го почна и ќе биде упорна да докаже дека тоа е можно со многу професионализам, упорност, одбивање на лошите и прифаќање на добрите нешта и регионализација, инкорпорирање во интеграциските системи кои ќе создадат за компаниите и бизнисите поголем простор за развој и за покажување на својата способност, истакна Азески, одговорајќи на новинарски прашања по работната средба со раководството на „Македонија 2025“.

Пред две години, потсети, Комората понуди платформа која беше поддржана од 314 најрелевантни субјекти.

-Сега е време на имплементација и треба да издржиме на тој пат. Тоа значи дека мора да се работи итно на воведување односно инсталирање на правната држава. Таму каде што не можеме треба да побараме поддршка од западните партнери. Треба да се работи на воспоставените пазарни принципи и секој да почне да се однесува одговорно во извршувањето на своите активности, рече Азески.

Со дијаспората, дополни, ќе се работи на заеднички проекти кои се од круцијално значење за државата.

-Ќе се работи и со инвеститори кои можат да го поттикнат економскиот раст што е доста слаб во изминативе 30 години. На едукативен план ќе го зголемиме енормно учеството за менаџери на извршни позиции на реномираните институции во Америка како би го поттикнале домашното менаџерство да придонесе и да се вклопи во меѓународните стандарди. Тука веќе имаме искуство од Македонија 2025 кое е значајно и ќе го искористиме во натамошниот период, рече Азески.

Според извршната директорка на Македонија 2025, Никица Мојсовска Блажевски, соработка со домашниот бизнис е голема.

-Македонија 2025 и Стопанската комора делат многу силна јасна заедничка визија, идеологија, а тоа е да имаме посилни бизниси, да имаме подобро деловно опкружување и да создадеме атмосфера во која бизнисите ќе растат, ќе отвораат нови работни места, ќе растат платите, а со тоа и државата ќе оди напред и ќе стигнеме до она што е посакувана дестинација на секој од нас, а тоа е повисок животен стандард, рече  Мојсовска Блажевски.

На денешната средба во Комората е договорена конкретна соработка во делот на професионалниот развој, подобрувањето на образовниот систем, дигитализацијата и поддршката на дијаспората, односно искористување на капацитетот, знаењето, контактите, можностите за лобирање на дијаспората во насока на побрз економски развој

-Сите се согласуваме дека ставки на економски раст под 5 проценти нема да не однесат до посакуваната дестинација. Значи, заедно треба сите да работиме да постигнеме економски раст над 5 отсто и што е можно побрзо да го зголемиме животниот стандард. Така ќе привлечеме, се надевам, и наши од дијаспората да се вратат тука да живеат, да работат, да инвестираат, меѓутоа исто така и сите ние да живееме подобро и да имаме подобар квалитет на животот, подвлече Мојсовска Блажевски. мч/дма/

фото/видео: МИА

 

 

Остани поврзан