• сабота, 23 ноември 2024

Столтенберг: НАТО очекува американскиот Конгрес во следните денови да ја одобри новата помош за Украина

Столтенберг: НАТО очекува американскиот Конгрес во следните денови да ја одобри новата помош за Украина

Брисел, 17 април 2024 (МИА) - Охрабрен сум од очекувањето дека Конгресот на САД ќе одобри нова помош за Украина во наредните денови, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција во седиштето на Алијансата со премиерите на Холандија, Марк Руте, на Данска, Мете Фредериксен, и на Чешка, Петар Фиала.

-Разговаравме за зголемување на помошта за Украина, особено за средствата за противвоздушна одбрана, рече Столтенберг. 

„Ситуацијата на бојното поле во Украина е многу тешка, јасно ги слушаме повиците на Украинците за поголема помош“, додаде тој. 

Генералниот секретар, одговарајќи на новинарско прашање,  објасни дека во Европа има помалку од 100 системи за противвоздушна одбрана, но Алијансата има повеќе од таа бројка, главно во САД.

Премиерот Фиала кажа дека очекува новата помош на Вашингтон за Украина да биде одобрена од Конгресот до крајот на оваа или следната недела. Тој појасни дека ова очекување се заснова на неговите разговори во САД, од каде штотуку се вратил. Фиала предложи од јуни да почне испораката на половина милион гранати, обезбедени со иницијатива на Прага, во која се вклучени и други сојузници.

-Европејците досега направија многу за Украина, но потребно е повеќе, изјави премиерката Фредериксен. Според неа, дел од европските системи за противвоздушна одбрана треба да бидат испратени на украинската страна.

Премиерот Руте, пак, ја истакна потребата сојузниците да произведат повеќе средства за воздушна одбрана. Според него, Украина треба да продолжи да добива муниција и опрема од залихите на земјите од НАТО и да купува дополнително вооружување од светскиот пазар за одбранбени производи.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан