• понеделник, 23 декември 2024

Столтенберг во посета на САД и Канада 

Столтенберг во посета на САД и Канада 

Брисел, 17 јуни 2024 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска, па до петок ќе престојува во посета на САД и Канада, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Како што соопшти НАТО, денеска Столтенберг во Вашингтон ќе се сретне со претседателот на САД, Џо Бајден. Столтенберг денеска ќе има обраќање и во Центарот „Вилсон“, по кое ќе одговара на прашања на публиката. 

Генералниот секретар на Алијансата утре има средби со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, со членовите на сенатскиот Комитет за надворешни односи и на Набљудувачката група на НАТО во Сенатот, како и со неколкумина сенатори, меѓу кои и со и лидерот на републиканското малцинство во Сенатот, Мич Меконел. 

В среда, Столтенберг ќе отпатува за Отава, каде ќе се сретне со канадскиот премиер Џастин Трудо. Истиот ден, на Столтенберг ќе му биде врачена наградата „Луј Сент Лоран“, при што е предвидено тој да има обраќање пред присутните и да одговара на нивни прашања. 

Столтенберг в четврток ќе се врати во Вашингтон, каде ќе се сретне со помошникот на претседателот на САД за национална безбедност Џејк Саливан и со конгресмените Мајк Тарнер и Џери Коноли. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан