• недела, 17 ноември 2024

Столтенберг без совет - дали земјите од НАТО треба да учествуваат на состанокот на ОБСЕ во Скопје поради присуството на Лавров

Столтенберг без совет - дали земјите од НАТО треба да учествуваат на состанокот на ОБСЕ во Скопје поради присуството на Лавров

Брисел, 28 ноември 2023 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг попладнево, на прес конференција во Брисел, се воздржа да одговори на прашањето дали е добро земјите од Алијансата да учествуваат на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје, држава членка на НАТО, поради очекуваното присуство на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.  

Шефовите на дипломатиите на балтичките земји и шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, денеска го откажаа присуството на Советот на ОБСЕ во Скопје, во четврток, токму поради присуството на рускиот министер за надворешни работи. 

Одговарајќи на последното прашање на прес конференцијата по првиот ден од состанокот на шефовите на дипломатиите на НАТО, Столтенберг само посочи дека „ОБСЕ своите состаноци ги организира самостојно. Немам совет за организаторите на средбата“.

Генералниот секретар истакна дека денеска министрите за надворешни работи разговарале за поддршката за Украина и потврдиле дека помошта нема да се намали. Притоа тој конкретно ги спомена Германија, која за следната година најави помош од осум милијарди евра, и Холандија со две милијарди евра, како и Романија во која почна со работа тренинг центарот за обука на украинските пилоти на борбени авиони Ф-16. Тој додаде дека на нивниот утрешен состанок ќе се приклучи и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Одговарајќи на прашање, тој појасни дека Финска не побарала поддршка од НАТО за чување на границата со Русија по зголемувањето на миграцискиот проток. Тој изрази очекување дека помошта што ја дава ЕУ ќе биде доволна.

Столтенберг кажа дека на денешната средба шефовите на дипломатиите на членките на НАТО го поздравиле привремениот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, иако додаде дека на средбите министрите изразиле загриженост за војната на Блискиот Исток.

-Го поздравувам продолжувањето на паузата во непријателствата меѓу Израел и Хамас. Ова ја овозможи неопходната помош за жителите на Газа, ослободување на повеќе заложници и обезбедување поголема хуманитарна помош, рече Столтенберг на прес конференцијата во седиштето на НАТО во Брисел. сд/

фото:ЕПА

 

Остани поврзан