• петок, 20 декември 2024

Стоилковски: Уставните измени нема да поминат, следен чекор се предвремени парламентарни избори

Стоилковски: Уставните измени нема да поминат, следен чекор се предвремени парламентарни избори

Скопје, 14 август 2023 (МИА) - Уставните измени нема да поминат по што следен чекор би биле предвремени парламентарни избори, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што се очекува од пленарната седница во петок за отворање на Уставот за внесување на Бугарите и другите народи.

Тој посочи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен и недвосмислен, апелирајќи да не се прават натамошни комбинаторики.

-Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен и недвосмислен повеќе од една година а тоа е дека уставните измени нема да поминат, по што апелираме да не прават натамошни комбинаторики. Ќе се види дека немаат легитимитет за било што и единствениот чекор кој што треба да следи се предвремени парламентарни избори, нагласи Стоилковски.

Во петок во Собранието треба да почне пленарната седница за уставните измени. Постапката е веќе почната со тоа што на 25 јули, Комисијата за уставни прашања ја изгласа потребата за носење на уставните измени и заклучоците ги проследи до Собранието.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот. дма/са/

Фото:ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан