• недела, 24 ноември 2024

Стефоска: Објектот Исхлане во Битола го ставаме во привремена заштита

Стефоска: Објектот Исхлане во Битола го ставаме во привремена заштита

Битола, 18 април 2021 (МИА) - Завод и Музеј-Битола објектот Исхлане, некогашното занаетчиско училиште во тој град станува дел од списокот на објекти под привремена заштита, изјави министерката за култура Ирена Стефоска.

Одбележувајќи го Светскиот ден на споменици и локалитети кои годинава се фокусирани на темата „Комплексно минато – разновидна иднина“, Стефоска посочи дека режимот на заштита на битолското Исхлане ќе зависи од ревалоризацијата на објектот која е во тек.

-Битолското и солунското Исхлане се последните два сочувани објекти на Балканот од изградените седум, подигнати во 19 век во османлискиот период. Нивната улога била да ги вдомат напуштените деца, сирачињата, децата кои подавале рака за корка леб, односно да им дадат занает. Многу деца израснале во почитувани луѓе. Но, за жал војните, времето и негрижата се отсликаа во овој објект Исхлане, кој во буквален превод од турски на македонски јазик значи „Добро место“ и затоа такво мора да остане, порача министерката Стефоска.

На Светскиот ден на споменици и локалитети, министерката за култура потсети дека културното наследство е местото каде што се сретнуваат минатото и иднината, а неговата заштита е во сегашноста.

 

-За Владата и за Министерството за култура, заштитата на културното наследство е аманет и мисија за гриѓа на културните идентитети на сите граѓани на нашата културна меморија. Ние правиме серозни чекори за остварување на оваа цел, отвораме посебна неменска програма за културно наследство во опасност преку која ќе можеме брзо да дејствуваме во спасувањето на нашите културни добра како што се црквата Свети Ѓорги во Курбиново, црквата Успение на Пресвета Богородица во Матејче, скопскиот аквадукт, Сарајот на Ахмед Нијази Бег во Ресен, Јени џамија во Битола, а издвоивме средства за изработка на елеборат за ревалоризација на црквата Света Софија во Охрид и изработка на проект за конзервација на нејзиниот величествен фрескоживопис, нагласи Стефоска.

На прес-конференција во Битола, пред некогашното Исхлане, министерката за култура Ирена Стефоска порача дека таму каде што пишува „објектот се продава“, треба да се допише „објектот е заштитен“.

Според податоци на Министерството за култура и зачувани фотографии, Исхлането во Битола почнало со работа на 6 октомври 1902 година, во присуство на многу гости, муслимански и православни великодостојници и битолскиот валија Едип паша.

Архитектонски, овој монументален објект е во неокласичен и неоренесансен стил, главно идентичен на многу јавниинституции од времето на султан Абдулхамид, со големо влијание на тогашната париска школа.

Исхлането во Битола функционира до 1912 година. мт/ки/

Остани поврзан