• петок, 22 ноември 2024

Старата училишта зграда во Тресонче ќе се ревитализира во мултифункционален културен центар

Старата училишта зграда во Тресонче ќе се ревитализира во мултифункционален културен центар

Дебар, 3 јули 2023 (МИА) - Општина Маврово и Ростуше информираше дека во Владата на Република Северна Македонија, во присуство на министерката за култура  Бисера Костадиновска – Стојчевска се одржала координација за искористување на одобрените средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа во областа на културата за 2023 година.

Со оваа програма Општина Маврово и Ростуше добила проект за реконструкција на стара училишна зграда во село Тресонче, родното село на познатиот Дичо Зограф,  која ќе се ревитализира во мултифункционален културен центар.

- Со вакви инвестиции ќе создадеме соодветни услови каде што ќе се одржуваат бројни културни настани и ќе се привлекуваат повеќе посетители и туристи кои ќе се запознаваат со културата, историјата и убавините на нашата општина, вели градоначалникот Медат Куртовски.

Според објавата на Министерството за култура, во Програмата на Владата за капитални дотации во единиците на локалната самоуправа за оваа година обезбедени се 40 милиони денари.

Се поддржуваат девет проекти кои обезбедуваат рамномерен развој на државата и се инвестиција за развој на културата низ целата земја.

- Маврово и Ростуше во село Тресонче и Општина Кривогаштани ќе добијат мултифункционални културни центри. Културниот центар во Валандово ќе се санира, а со тоа се обезбедуваат современи услови за работа, инвестираме и во сценската инфраструктура на Крушево како важен културен, историски и туристички центар, како и во живописното Кратово, град кој е сѐ поатрактивна туристичка и културна дестинација. Започнуваме проекти за реконструкција и адаптација на зградата на Центар за култура Крива Паланка, како и за почеток на изградба на дом на култура во Општина Чашка, објави министерството.

Се додава дека се продолжува со реконструкција на Спомен-домот „АСНОМ“ во Делчево, како и со изградбата на Домот на културата во с. Куклиш, Струмица. вт/лв/

фото: ФБ 

Остани поврзан