• петок, 22 ноември 2024

Ставен е под контрола пожарот над тетовско Селце

Ставен е под контрола пожарот над тетовско Селце

Тетово, 16 април 2024 (МИА) - Шумскиот пожар над тетовско Селце по шест дена е ставен под контрола, информираат од Национален парк Шар Планина. Пресвртот се случил денеска, при што иако пожарот почнал да се проширува кон Ѓермо, ренџерите од паркот и вработени во Дирекција за заштита и спасување успеале да го стават под контрола.

- Пожарот над Селце беше проширен и над Ѓермо. До 12 часот е комплетно ставен под контрола и повлечени се екипите на Националниот Парк и Дирекција за заштита и спасување. Денес гаснеа пет луѓе од паркот и четворица од ДЗС, информираат од Национален парк Шар Планина.

Пожарот почна на 11 април. Вчера и на 14 април дејствуваше и хеликоптерска единица на МВР која фрлаше вода од височина. Во текот на овие денови пожарот го гаснеа и пожарникарите од Тетово со вода во цистерни од теренски возила. Првичните процени на вработените во НП Шар Планина се дека изгорела над 100 хектари букова шума, ливади и пасишта.

На подрачјето на национланиот парк вчера било интервениран и на два други пожари.

Потполно е изгасен пожар над селото Горјане, каде изгореле четири хектари, а над Ломница два хектари приватен имот со ниска вегетација од трева, даб, леска и габер. ас/цр

Фото: НП Шар Планина 

Остани поврзан