• недела, 22 декември 2024

ССК за промените на цените на автоосигурувањето: Сериозно општество не треба да си дозволи вакви екскурзии

ССК за промените на цените на автоосигурувањето: Сериозно општество не треба да си дозволи вакви екскурзии

Скопје, 7 мај 2024 (МИА) - Уште еден доказ за неорганизираност на нашето општество, за честото носење избрзани одлуки, без јасна предвидливост, непријатна ситуација од која сите ги чувствуваме последиците. Вака денеска претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) Трајан Ангелоски ги оцени последните случувања околу цените за осигурување на возилата.

Според него, треба точно да се знае која мерка е во сила, а и кога се донесува некаква нова, поинаква одлука таа треба да се најави и за неа да има соодветен подготвителен период.

Ад-хок одлуките за покачување или намалување на цените има штетни последици за сите, напомена Ангелоски, а на новинарко прашање дали треба да им се вратат парите на граѓаните кои платија поскапа регистрација или можеби треба да бидат обесштетени, одговори дека „ова прашање треба да го изрегулираат регулатoрното тело во рамки на Министерството за финансии и конкретните компании“.

-Доколку некоја одлука е поништена, по логика на нештата, во тој меѓу период мора да се најде одредено решение како овие граѓани или институции да се обесштетат. Треба да постои јасна определност која мерка е во сила и ова е уште еден доказ, за жал, за неорганизираноста на нашето општество. Многу често имаме избрзани одлуки, без јасна предвидливост. Во повеќе наврати ние имаме сигнализирано на оваа тема. Навистина непријатна ситуација во која сите ги чувствуваме последиците, рече претседателот на ССК пред почетокот на тркалезна маса за зелени иновации.

Тој повтори дека секоја одлука треба претходно да се најави зашто секоа ад-хок воведување или укинување, има штетни последици за сите. 

-Не навлегувам дали е избрзана одлуката за покачување или за враќање на цените. Но, сметам дека треба да постои доволно подготвителен период, да се најави која било одлука, да се направи одредена подготовка и потоа да се имплементира. Вака, ад-хок воведување, ад-хок укинување, има штетни последици кон сите. Замислете какво е чувството да платите, а веќе утредента да не важи. Сериозни институции и сериозно општество не треба да си дозволат вакви екскурзии, подвлече Ангелоски. 

Од 25 април годинава за 15 отсто поскапе осигурувањето за регистрација на товарни возила и коли со моќност над 44 киловати. Но, Владата на 2 мај донесе Одлука со која ги врати старите цени, од пред 25 април. Одлуката беше по предлог на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии и со неа се утврди опсег од 15 до 30 отсто во кој осигурителните друштва можат да го определат делот на премијата за вршење дејност осигурување од автомобилска одговорност. За износ на трошоците над 30 отсто, пак, Одлуката предвидува осигурителните друштва да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување.

Досега немаше горна граница на трошоците за дејност, па осигурителните компании ги зголемија, а голем број граѓани поради тоа платија поскапа регистрација. Националното биро за осигурување го оправда ваквиот потег со објаснување дека цената на полисата не е променета повеќе од 10 години, а трошоците за работа на компаниите се значително пораснати и во прашање било доведено нивното функционирање. Агенцијата за супервизија на осигурувањето, пак, оцени дека поскапувањето е неоправдано и изнесе анализа според која, над 45 отсто од трошоците за вршење на дејноста на 11 осигурителни компании или над 17 милиони евра, се потрошени за исплата на провизии. мч/лв/

 фото/видео: МИА

Остани поврзан