• среда, 26 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Средношколци од Куманово се едуцираат за подобрување на менталното здравје

Средношколци од Куманово се едуцираат за подобрување на менталното здравје

Куманово, 24 март 2025 (МИА) - Трауматичниот настан од Кочани предизвикува силни емоции кај учениците. Важно е да се зборува на оваа тема, кажаа  средношколците од Куманово кои денеска во рамки на проект на здружението „Доверба“ разговараа како да го подобрат менталното здравје.

- Минуваме низ тежок период на колективно ниво, директна траума за семејствата на загинатите и на семејствата на повредените, но е и индиректна траума за целото население. Гледаме дека кај учениците предизвикува силни емоции. Младите се поврзуваат со трагедијата затоа што се на слична возраст до настраданите. Работиме со нив, ги едуцираме како да си пружат помош себе и на блиските, изјави долгогодишниот психолог Дивна Јанкова од Здружението „Доверба“.

Проектот „Заедно сме посилни преку врсничка едукација за подобро ментално здравје и ненасилна комуникација“ преку работилници им овозможува на учениците да се справат со стресот, како да побараат поддршка, како самите да бидат поддршка за нивни врсници на ниво на училишни тимови.

- Има секакви реакции од тагување, плачење, јавно изразување лутина, но има и оние кои се повлекуваат и дури подоцна можат да реагираат. Важно е да се научи да се канализира реакцијата, како да се зајакнат себеси. Помошта во овој момент насекаде е добредојдена, рече Јанкова.

Семејствата да се поврзат, да се ислушаат себеси ако и тогаш нема подобрување, важно е да се побара стручна поддршка.

Ученичката Миа Димитријевиќ кажа дека е важно да се најде внатрешен мир. Преку вежби се обидуваат да се справат со стресот и научените методи.

Менталното здравје е исклучително важно во оваа состојба, велат ученичките Теодора Николовска и Меланија Лазаревска. Тие кажаа дека ансиозноста и стресот се често присутни помеѓу младите, а трагедијата во Кочани дополнително ја влошува состојбата. Тимовите од Куманово од средните училишта се ангажирани за поддршка на учениците. ам/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан