• сабота, 24 август 2024

Средношколскиот кошаркарски тим од Крива Паланка на прием кај градоначалникот Митовски по освоениот европски бронзен медал

Средношколскиот кошаркарски тим од Крива Паланка на прием кај градоначалникот Митовски по освоениот европски бронзен медал

Крива Паланка, 21 јуни 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска во својот кабинет организираше прием на членовите на женскиот кошаркарскиот тим од средното општинско училиште „Ѓорче Петров" по повод освоениот прв европски медал за училиштето на Европското кошаркарско средношколско првенство 2023, што од 12 до 17 јуни се одржа во Скопје. На средбата присуствуваа и директорката Елена Ѓоргиевска и професорот што го предводи тимот, Ведран Белешковски.

-Оваа генерација девојчиња во континуитет бележи успеси на училишни, Балкански, Европски натпреварувања, како надоврзување на високите клупски резултати, а во тимот има повеќе репрезентативки кои ги бранат боите на државата. Горд сум што со својата посветеност и напорна работа успеаја да го израдуваат нашиот град, да испишат историја за училиштето со освојување на Европска бронза, што за нас како мала општина е исклучително голем успех. Вложуваме многу и ќе продолжиме да инвестираме во спортот, младите и условите за развој на талентирани млади спортисти кои со нивниот талент и успеси се наши најголеми амбасадори, рече градоначалникот Митовски.

На ова првенство тимот од СОУ„Ѓорче Петров“ настапи без две кошаркарки, првотимки, од стартните пет кои се рехабилитираа од настанати повреди. Во составот на екипата настапија Михаела Алексовска, Божица Стоевска, Ксенија Петревска, Нена Стоименова, Нена Георгиевска, Анита Тошевска, Дејана Стојановска, Мартина Илиевска, Драгана Цветковска, Матеја Додевска.

Европскиот медал годинава доаѓа по Балканското сребро што истата екипа предводена од професорот Белешковски, минатата година го освои на Отворените Балкански средношколски игри во Охрид, кадешто како државни прваци се пласираа меѓу најдобрите од  Балканот.

Европското кошаркарско средношколско првенство 2023 се одржа во организација на Федерацијата на училишен спорт на Северна Македонија, со поддршка од Агенцијата за млади и спорт и Кошаркарска федерација на Северна Македонија. ид/дма/

 

Остани поврзан