• понеделник, 23 декември 2024

Средба Џафери-Памер: Постои голем потенцијал за проширување на областите на економијата и туризмот

Средба Џафери-Памер: Постои голем потенцијал за проширување на областите на економијата и туризмот

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието, Таљат Џафери, денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Мартин Памер. Џафери се осврна на добрата динамика на возвратни посети и средби на сите нивоа меѓу двете држави, како и водечката улога на Австрија во странските инвестиции во нашата земја, додека Памер истакна дека постои голем потенцијал за проширување на областите на економијата и туризмот имајќи го предвид потенцијалот на земјата.

Како што известуваат од Собранието, Џафери го информираше амбасадорот за процесот  на уставни измени кој треба да се заокружи до ноември ова година, со цел да започнување на преговорите за членство во Европската Унија по поглавја и кластери. 

-Во овој контекст претседателот Џафери искажа благодарност за постојаната поддршка од страна на Австрија за евроинтеграцискиот пат на Република Северна Македонија, како и за поддршката при одржување на Првата Меѓувладина конференција. Џафери го нагласи успешното претседавање со ОБСЕ под мотото „ За луѓето се работи“, како и претстојното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, се вели во соопштението.

Амбасадорот Памер подвлече дека Република Австрија останува силен поддржувач на нашата држава во однос на интеграцијата во Европската Унија, но и во сите сфери од заеднички интерес.   

Соговорниците разменија и мислења за актуелната политичка состојба во државата и изразија подготвеност за понатамошни средби и отворена соработка. сх/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан