• сабота, 23 ноември 2024

Средба со Душан Пернат и претставата „Слугинки“ дел од програмата на МОТ

Средба со Душан Пернат и претставата „Слугинки“ дел од програмата на МОТ

Скопје, 10 ноември 2023 (МИА) - Средба со театарскиот продуцент Душан Пернат во просториите на Факултетот за драмски уметности Скопје, како и изведба на театарската претстава „Слугинки“ се дел од денешната програма на 48.издание на Меѓународниот театарски фестивал МОТ.

Како што информираат организаторите, Душан Пернат е театарскиот продуцент и организатор кој повеќе од четири децении работи како менаџер за меѓународни турнеи во „Словененско младинско гледалишче“. Со повеќе од шестотини турнеи во повеќе од триесет земји, во кои беа поставени повеќе од осумдесет претстави, тој значително го оформи меѓународниот идентитет на „Младинско“ и го стави словенечкото театарско творештво на меѓународната мапа.

Разговорот ќе го води Тања Дешко, театарски продуцент, управител на АРТАКТУМ, поранешен раководител на меѓународниот департмент во московскиот театар „Мастерскаја Пјотр Фоменко“.

Претставата „Слугинки“ е олицетворение на илузијата во функција на реакција против авторитетите каде што сестрите Соланж и Клер – слугинки на Мадам, преку играње улоги ги демонстрираат сопствените фрустрации и болки од потиснатоста на авторитетите. Воедно, со инспирација од турскиот традиционален театар наречен „ортаојун“ во претставата ќе се користат кореографии и музика, кои ќе имаат голема улога во стилот на преставата, која може да се класифицира и како физички театар.

Театараската претстава е во режија на Сибел Абдиу. Играат Селпин Керим, Џенап Самет и Дин Ибрахим.бт/са/

Фото: МКЦ Скопје

Остани поврзан