• понеделник, 23 декември 2024

Средба на Џафери со украинската амбасадорка Дир

Средба на Џафери со украинската амбасадорка Дир
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија, Лариса Дир. - Џафери ѝ посака на амбасадорката Дир успешно извршување на дипломатската мисија во земјава, нагласувајќи ја нашата цврста и недвосмислена поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, како и подготвеноста за натамошна политичка, економска, хуманитарна и безбедносна поддршка во соочувањето со предизвиците, соопшти собраниската прес-служба. Тој оценил дека назначувањето нова амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија, веднаш по завршувањето на мандатот на претходната, е потврда за одличните билатерални односи меѓу две земји. Нагласувајќи ја плодната меѓупарламентарна соработка, Џафери посочил дека парламентарните групи за соработка на Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина редовно остваруваат комуникација. Тој се осврнал на неговата посета на Украина во април годинава и нагласил дека е охрабрувачки што украинските институции успешно функционираат во овие, како што рекол,  тешки времиња за украинската и европската безбедност. Истовремено, оценил дека се потребни заеднички напори за хуманитарен одговор, а злосторствата врз цивилното население мора да бидат истражувани и сторителите мора да одговараат. Амбасадорката Дир информирала за состојбата во Украина по воената агресија од Руската Федерација и се заблагодарила за поддршката од Собранието на Република Северна Македонија уште на самиот почеток на војната. -Таа особено ги нагласи усвојувањето на Декларацијата за Украина и посетата на претседателот Џафери, како еден од првите високи претставници што ја посетил Украина по руската агресија. Амбасадорката нагласи дека Украина високо ја цени помошта и поддршката од Северна Македонија во сите сфери, вклучително поддршката за Меѓународната платформа за Крим. Таа  информираше дека на претстојниот Прв парламентарен самит на Меѓународната платформа за Крим, што ќе се одржи следниот месец во Загреб, ќе биде инаугурирана парламентарната димензија на оваа Платформа, се вели во соопштението од Собранието. Соговорниците изразиле уверување дека плодната и успешна соработка меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Амбасадата на Украина ќе продолжи да се развива со уште поголем интензитет во иднина. сст/ац/

Остани поврзан