• понеделник, 23 декември 2024

Средба на комисиите за европски прашања на парламентите на Северна Македонија, Албанија и Косово

Средба на комисиите за европски прашања на парламентите на Северна Македонија, Албанија и Косово

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Претседателите и членовите на комисиите за европски прашања на парламентите на Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово денеска одржаа средба во рамки на работната посета на Скопје на парламентарните делегации на двете соседни земји. Со состанокот претседаваа претседателите на трите работни тела, Арбер Адеми од Комисијата за европски прашања во Собранието на Северна Македонија, Јорида Табаку, која ја предводи Комисијата за европски прашања во Собранието на Албанија и Резарта Красниќи, која е на чело на Комисијата за европски интеграции во Собранието на Косово.  

Од собраниската прес служба информираат дека пратениците од трите држави разменија мислења за евроинтеграцијата на регионот, во зависност од етапите од тој процес во кој се наоѓа одредена земја  и предизвиците со кои се соочува, за потребата од спроведување на европските критериуми, како и за неопходноста за засилување на регионалната соработка и размената на искуства на патот кон ЕУ. 

- Во текот на дискусијата, произлезе и иницијатива ваквите средби да прераснат во традиција, со цел континуирана координација меѓу  комисиите за европски прашања, вооедно и во рамки на Берлинскиот процес, како и воопшто за понатамошно јакнење на парламентарната соработка, се вели во соопштението. 

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието, Арбер Адеми, истакна дека односите на нашата земја со Албанија и со Косово ги карактеризира длабоко пријателство, без какви било отворени прашања, меѓусебна поддршка, почитување и отворен дијалог, што се пресликува и во меѓупарламентарната соработка, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво. 

Адеми потенцираше дека уште од независноста во 1991 година, нашата земја се соочува со предизвици на патот кон полноправното членство во ЕУ, но најважно е што земјата не ја смени својата евроатлантска ориентација. 

- Северна Македонија помина низ навистина тежок реформски процес ориентиран кон ЕУ и ниту еден аспект на нашето општество не остана непроменет. Сите области поминаа низ процес на приближување и усогласување на нашето со европското законодавство. Околу 1.200 закони се донесени овде во Собранието, во кои се транспонирани повеќе од 2.500 акти на ЕУ во нашиот правен систем. Но, како што знаете, преговорите по кластерите би започнале по уставните измени. Во моментов, тоа е најважната задача што Собранието треба да ја исполни и искрено се надевам дека сите пратеници и од мнозинството и од опозицијата нема да ја доведат во прашања или да ја закочат европската иднина на нашата земја, рече Адеми. 

Претседателката на Комисијата за европски прашања во Собранието на Албанија, истакна дека Северна Македонија се соочи со  многу предизвици и направи отстапки како никој друг на Балканот во процесот на евроатлантска интеграција. 

- Сепак, денес се наоѓаме во една поповолна и пооптимистичка позиција во однос на интеграцијата, и покрај ситуациите со кои се соочуваат Северна Македонија - поради односите со Бугарија и Косово – со оглед на дијалогот Белград – Приштина, оцени Табаку. 

Претседателката на Комисијата за европска интеграција во Собранието на Косово посочи дека ова тело, всушност, има надзорна улога над извршната власт во земјата, посебно во делот на усогласувањето на ЕУ-законодавството. 

- Ние сме среќни што ЕУ ги отвори вратите за Северна Македонија и за Албанија, додека Косово минатата година аплицираше за членство, рече Красниќи. 

Од членовите на Комисијата за европски прашања во Собранието на РСМ прва се обрати Благица Ласовска, потпретседателката на КЕП, Арта Билали Зендели, како и пратеничките Снежана Калевска Ванчева и Гордана Силјаноска Давкова. сх/аа/

Фото: Собрание на РСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан