• петок, 22 ноември 2024

Средба на гувернерката на НБ со учениците кои донесоа бронзен медал од Меѓународната економска олимпијада

Средба на гувернерката на НБ со учениците кои донесоа бронзен медал од Меѓународната економска олимпијада

Скопје, 7 септември 2023 (МИА) - Финансиската едукација и финансиската инклузија, со особено внимание на младата популација, се значаен приоритет на Народната банка. Оттаму, Народната банка поддржува повеќе инцијативи во овој сегмент, вклучително и учеството на Меѓународната економска олимпијада, а особено радува кога младите се истакнуваат со забележителни знаења на меѓународните натпревари, изјави гувернерката на НБ Анита Ангеловска-Бежоска на денешната средба со учениците од средните училишта, овогодишните учесници на Меѓународната економска олимпијада и професорите Анета Гацовска-Барандовска и Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, кои ги координираа подготовките на тимот.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како што се наведува во соопштението на НБ упатила срдечни честитки до добитникот на бронзениот медал, ученикот Давид Ставров од ПСУ „Алгоритам“, Скопје, како и до Рина Толева и Давид Арсовски од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, Скопје, кои биле во состав на тимот на Економската олимпијада во Волос, Грција.

На Шестата меѓународна економска олимпијада којашто се одржа во периодот од 25 јули до 2 август учествуваа 50 тима од 48 земји во светот, а домаќин беше Универзитетот на Тесалија од Волос. Учениците се натпреваруваа во три дела: тест од економија, игра за финансиска писменост и бизнис-студија.

-Охрабрувачки факт е дека меѓу големиот број водечки економии во светот, ние го освоивме дваесет и второто место во генералниот пласман, наведува НБ.

Народната банка, како што се вели во соопштението, зеча активно учество во подготвителните активности на учениците за учество на Олимпијадата.

-Активностите на централната банка, поточно серијата предавања за учениците во состав на нашиот тим, како и презентациите за дополнување на знаењата и одговорите на различните модули вежби и едукативни игри, се во рамките на соработката којашто централната банка ја остварува со Сојузот на математичари, за што е склучен и Меморандум за соработка. Финансиската едукација, исто така, е еден од стратегиските приоритети на НБ за што е усвоена и Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија од страна на финансиските регулатори, предводени од НБ, се додава во соопштението. ац/

Остани поврзан