• четврток, 11 јули 2024

Средба на Гаши со Руслан Стефанчук, претседател на Врховната рада на Украина

Средба на Гаши со Руслан Стефанчук, претседател на Врховната рада на Украина

Скопје, 10 јули 2024 (МИА) - На маргините на Парламентарниот самит во Вашингтон, беше реализирана средба на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, со претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, на негова иницијатива, информира денеска собраниската прес-служба.

Стефанчук се заблагодарил за доследната поддршка на Северна Македонија за Украина и за сите украински иницијативи, за нашето приклучување кон санкциите на Европската Унија против Русија, како и за поддршката на „Формулата за мир“ предложена од претседателот на Украина.

Тој нагласил дека народите на Украина и Северна Македонија се многу блиски, имаат слична историја и споделуваат заеднички цели за членство во ЕУ.

-Осврнувајќи се на руската воена агресија од големи размери на територијата на Украина, претседателот Стефанчук ја информираше Делегацијата, во која е и заменик-шефот на Делегацијата на Собранието во ПС НАТО, Миле Талевски,  за бруталниот напад на Русија врз детската болница во Киив, при што има 29 цивилни жртви и огромен број повредени деца и медицински персонал. Повика овој Парламентарен самит да изрази голема и непоколеблива поддршка од претседателите на парламентите за натамошна воена помош за Украина и за нејзиното членство во НАТО. Истакна дека ќе иницира заеднички проект на ниво на парламентите од земјите членки на НАТО за обнова на земјата. Стефанчук му упати покана на претседателот Гаши да ја посети Украина, а воедно изрази очекување за негово учество на Третиот самит на Кримската платформа, кој оваа година ќе биде во заедничка организиција со Република Латвија, се вели во соопштението од собраниската прес-служба. 

Гаши изразил сочувство за жртвите во детската болница и ја пренесе цврстата и непоколеблива поддршка на нашата земја за Украина на сите полиња и потенцираше дека РС Македонија, народот и нејзините највисоки државни институции уште од самиот почеток на воениот конфликт силно ја осудија руската агресија против Украина. Воедно, земјата целосно се приклучила на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, коспонзорирала бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упатила и воена и хуманитарна помош за земјата.

Претседателот на Собранието Гаши се осврнал на бројните активности на Собранието на Република Северна Македонија за поддршка на Украина, почнувајќи од усвојувањето на „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“ и други бројни манифестации. Тој го поканил својот колега Стефанчук, доколку во овие вонредни околности тоа е можно, да ја посети Република Северна Македонија.

Двајцата претседатели изразиле увереност дека меѓупарламентарната соработка ќе продолжи со воспоставената динамика и активен политички дијалог, продуктивна соработка на ниво на претседатели и меѓупарламентарни групи за пријателство, со тенденција од натамошно збогатување на целокупната соработка. сст/са/

фото Собрание на РСМ

Остани поврзан