• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски - Переира: На младите власта треба да им даде поголема улога во креирањето на политиките

Мицкоски - Переира:   На младите власта треба да им даде поголема улога во креирањето на политиките

Скопје, 17 март 2023 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Ѓоргиев потпретседател на УМС, Тодор Конески секретар за меѓународна соработка на УМС на ВМРО-ДПМНЕ како и Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на партијата, остварија средба со европратеничката и претседател на Младината на ЕПП Лидиа Переира.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека на средбата се разговарало за актуелната политичка состојба и генералните политики кои власта ги спроведува за младите.

На средбата, европратеничката Переира била информирана за проблемот со иселувањето, незадоволство на младите како и отсуството на реформи за младите чиј епилог е масовно чувство на апатија и разочараност.

-Мицкоски посочи дека како претседател на најголемата политичка партија во Македонија ја поттикнува младинската соработка на сите полиња, како и потребата од умрежување на младите и креирањето на младинските политики. Попов како претседател на УМС истакна дека на младите власта треба да им даде поголема улога во креирањето на политиките и дека борбата на УМС е иднина каква заслужува секој млад човек. Претставниците на партијата укажаа дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведи реформи и политики со кои ќе им се овозможи на младите својата иднина да ја градат во сопствената држава, а не надвор, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочија дека соговорниците се согласиле дека ваквиот тип на средби треба да продолжат и во иднина. см/са/

 

Остани поврзан