• сабота, 23 ноември 2024

Средба за вмрежување на локални економско-социјални совети од повеќе градови во Куманово

Средба за вмрежување на локални економско-социјални совети од повеќе градови во Куманово

Куманово, 12 мај 2023 (МИА) - Локалните економско социјални совети мора да придонесат за дијалог помеѓу општините, бизнис секторот и синдикатите, поголема соработка е потребна и со националниот совет, заклучија претставници на ЛЕСС од повеќе градови од државата на денешната средба во Куманово.

Средбата ја организираше Младинскиот културен центар – Битола во соработка со општина Куманово и локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС) на општина Куманово во соработка со локалните економско-социјални совети на општините Битола, Струга, Тетово, Гостивар, Штип, Ресен, Кавадарци и Свети Николе.

Целта, како што велат организаторите, е да се унапреди социјалниот дијалог на локално ниво при решавањето на актуелните прашањата од економско-социјалната област.

-Дијалог помеѓу општините, бизнис секторот и синдикатите, со цел унапредување на правата на работниците, квалитетот на животот во локалните заедници и секако граѓанскиот сектор има додадена улога-нагласи Мери Нашоку, проектен координатор МКЦ Битола.

Локалните совети од неколкуте општини ќе побараат и поголема соработка со националниот совет, којашто велат засега недостига. Целта на оваа средба е, популаризација на работата на ЛЕСС во локалните заедници, создавање можности за меѓусебно запознавање, размена на искуства, практики.

-Мислам дека сме единствениот ЛЕСС кој има и стратегија, петгодишна за самата активност и работа. Една од иницијативите ќе ни биде да се поврземе со националниот ЛЕСС, каде таа комуникација ни фали и тие средби и состаноци со нив ги немаме, изјави координатор на ЛЕСС во Општина Куманово, Ахмет Јашаревски,

ЛЕСС Куманово изминатиот период реализираше активности и средби со бизнис секторот за поставување фотоволтаици и полесно справување со економската криза, средби со претставници на индустриите и надлежните сектори. Минатата година вакви средби се реализирале во Гостивар и Свети Николе и според организаторите, ваквиот концепт на размена на информации, дискусија за локални проблеми и предизвиците во работата на ЛЕСС се покажал како успешен. Активноста се реализира во рамките на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“ со поддршка на Меѓународниот центар Олоф Палме од Шведска. ам/мч/

Фото МИА

Остани поврзан