• сабота, 06 декември 2025

Средба Гаши-Ибрахимовиќ: Северна Македонија и Црна Гора негуваат братски односи и заеднички стремеж кон ЕУ

Средба Гаши-Ибрахимовиќ: Северна Македонија и Црна Гора негуваат братски односи и заеднички стремеж кон ЕУ

Скопје, 25 април 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска се сретна со Ервин Ибрахимовиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора за меѓународни односи и министер за надворешни работи, кој престојува во посета на Република Северна Македонија. На средбата присуствуваа и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, и пратениците Мерита Колачи Коџаџику, Илир Демири и Оливер Спасовски, информира собраниската прес-служба.

Процесите за интеграција во Европската Унија на двете земји, како и на регионот во целина, биле во фокусот на разговорите меѓу двете делегации. Притоа било истакнато дека пристапувањето кон ЕУ е гаранција за долгорочна стабилност и просперитет на земјите од Западен Балкан. И дека секој чекор напред во овој правец, на која било држава, е успех за целиот регион и е од голема важност и за самата Унија.

Во тој контекст, било нагласено и дека Северна Македонија и Црна Гора се пример за мултиетничка и мултиверска соработка, како доказ за прифаќање и споделување на европските вредности.

На средбата, било посочено и сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, како уште еден пример за придонес кон регионалната и глобална стабилност и демократските процеси.

Во однос на билатералната соработка, било истакнато дека Северна Македонија и Црна Гора традиционално негуваат братски и пријателски односи, со тенденција за постојано унапредување на соработката на повеќе нивоа.

Особено била беше истакната добрата соработка меѓу парламентите на двете земји, како уште еден од клучните фактори во процесот на евроинтеграција. Притоа беше посочено дека постојано е отворен простор за понатамошно продлабочување и унапредување на соработката, како на ниво на парламенти, така и во други области, како што се сообраќајната инфраструктура и туризмот. сст/дма/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан