• вторник, 12 ноември 2024

Средба Божиновска – Лорковски, разговарано за носењето на нов закон за енергетика

Средба Божиновска – Лорковски, разговарано за носењето на нов закон за енергетика

Скопје, 2 јули 2024 (МИА) - Плановите во делот на енергетиката поврзани со производството на електричната енергија беа дел од разговорите меѓу министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на Европскиот секретаријат за енергетика, Артур Лорковски.

Средбата, како што информираат од владината прес служба, се одржала во рамки на неформалниот состанок на земјите членки на Енергетската заедница - Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Грузија, Молдавија и Украина.

На состанокот, се вели во соопштението, биле усогласени правилата за имплементација на интеграцискиот пакет за електрична енергија и оптимизацијата на алокација на прекуграничните капацитети за пренос меѓу земјите. Тоа значи координирана пресметка на цените и движењата со цел пазарот да биде попредвидлив и полесно да се порамнува цената. Исто така било разговарано и за донесување на нов Закон за енергетика, за што на земјата и е даден нов рок до 15 септември.

Божиновска, на состанокот накусо ги објаснила планираните проекти на новоформираното Министерство кое има за цел да го зајакне овој сектор и да ги намали на минимум можностите за корупција или злоупотреби. Токму корупцијата, како што посочила Божиновска, е причина што нема значајни инвестиции во делот на енергетиката. Фокусот на новото Министерство, објаснила таа, ќе биде ставен на капитални инвестиции кои на долг рок ќе значат стабилност во однос на производството на електрична енергија во земјава.

За насоките од Енергетската заедница за земјава и моменталните состојби во однос на секторот енергетика, Лорковски на 8 јули доаѓа да го презентира извештајот пред македонските парламентарци. аа/бак/

Фото: Влада

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан