• сабота, 23 ноември 2024

Средба Бесими - Рено-Басо: Енергетската криза го покажува значењето на инвестициите во зелената агенда, значајна поддршката од ЕБОР во енергетскиот сектор

Средба Бесими - Рено-Басо: Енергетската криза го покажува значењето на инвестициите во зелената агенда, значајна поддршката од ЕБОР во енергетскиот сектор
Скопје, 9 април 2022 (МИА) - Зелената агенда е во фокусот на работата на Владата. Тоа се покажува дека е значајно особено во услови на енергетска криза и обезбедување енергенси од сопствени извори. На тој пат во проширување на капацитетите за производство на електрична енергија е значајна поддршката од меѓународните финансиски институции, а особено од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната средба со претседателката на ЕБОР Одил Рено-Басо, во рамките на Делфи форумот што се одржува во Грција. Како што информираат од Министерството за финансии, потсетувајќи на мерките што ги презема Владата за справување со влијанието од ценовната и енергетската криза и потребата на евентуално дополнителна поддршка на стандардот на граѓаните и домашната економија, што директно зависи од развојот и времетраењето на настаните во Украина, министерот напомена дека за надминување на енергетската криза со помал притисок добредојдена е поддршката од меѓународни институции како во периодот на Ковид-19 пандемијата. -Пакетот мерки за поддршка на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите е 400 милиони евра. Поддршката за да се влијае да нема висок раст на цената на електричната, но и на топлинската енергија, кон ЕСМ почна уште минатата година и таа изнесува 10,6 милијарди денари. За да се поддржи понатаму ликвидноста на компанијата, од страна на ЕБОР е понудена кредитна линија, која е во постапка на обезбедување. Кредитната линија, е значајно што се обезбедува со каматна стапка од околу 1 отсто. Разговорите меѓу ЕБОР и ЕСМ се во тек и се очекува наскоро да бидат финализирани сите правни документи кои ќе бидат потпишани по донесување на закон за гаранција од страна на Собранието, посочи министерот Бесими. На средбата беше потенцирано дека ова е огромна криза, која го зафати целиот свет, особено Европа, на чие тло се води војна, а посебно во период кога се уште не беше закрепната економијата од ковид-кризата и затоа се потребни заеднички напори и инвестиции. За земјава, беше посочено, особено е значајна реализацијата на прекуграничната гасна интерконекција со Грција за која веќе се обезбедени дел од средствата и грант од ВБИФ и потребна е поддршка за затворање на финансиската конструкција. Инвестицијата се процедува на 53 милиони евра, а обезбедени се 25 милиони евра од ЕИБ и 12 милиони грант од ВБИФ. На состанокот беше потенцирана поддршката што ЕБОР ја дава во реализација на инфраструктурните проекти од Коридорот 8, како и изградбата на автопатот Скопје-Блаце. Министерот Бесими истакна дека ја цени поддршка на ЕБОР за добивање на грантот од ВБИФ во вкупен износ од 230,35 милиони евра, од кои 152,45 милиони евра се наменети за кофинансирање на источниот дел на железничкиот Коридор VIII, односно последната делница Крива Паланка – граница со Бугарија. При тоа беше дискутирано во иднина Министерството за финансии и ЕБОР да иницираат активности за започнување на изградбата на западниот дел од железничката пруга на Коридот 8, од Кичево до границата со Албанија. ЕБОР е најактивна меѓународна финансиска институција во земјава. Во изминатите 30 години имаме континуирана поддршка во реализација на своите приоритети, а таа поддршкa продолжува и понатаму. Активното портфолио на ЕБОР во земјава во моментов изнесува над 900 милиони евра, од кои 83 проценти од средствата се планирани во инфраструктурни проекти, 14 проценти во финансискиот сектор и 3 проценти во секторот индустрија, трговија и земјоделство. ЕБОР е активна во земјава од 1993 година и досега има одобрено 154 проекти во вредност од 2,2 милијарди евра. вј/сп/

Остани поврзан