• недела, 22 декември 2024

Ангеловска-Бежоска − Камер: Претпазливите политики на Народната банка клучни за одржување на макроекономската стабилност

Ангеловска-Бежоска − Камер: Претпазливите политики на Народната банка клучни за одржување на макроекономската стабилност

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - Претпазливата монетарна политика и макропрудентата политика, како и зголемената транспарентност на Народната банка одиграа клучна улога во одржувањето на макроекономската стабилност. Во првиот квартал од оваа година, инфлацијата беше сведена на едноцифрено ниво од 3,4 проценти, девизните резерви и натаму се зголемуваат достигнувајќи ниво коешто е повисоко за 30 проценти во однос на периодот пред пандемијата, а финансиската стабилност беше дополнително зајакната.

Ова, како што информираа денеска од Народната банка, било посочено на средбата меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Европа, Алфред Камер, на маргините на Конференцијата од високо ниво во организација на централната банка на Словенија и ММФ, што се одржува во Порторож, Словенија.

Камер истакнал дека претпазливите политики на Народната банка биле клучни за соодветно надминување на кризниот период и важно е да се продолжи на тој начин. Ова ја нагласува важноста од зачувување на независноста на централната банка.

Гувернерката посочила дека, во период од една година, инфлацијата петкратно се намалила и се свела на пониски едноцифрени стапки, додека јазот меѓу домашната и инфлацијата во еврозоната значително се намалил.

- Истовремено, и покрај затегнувањето на монетарната политика, стабилноста на домашниот банкарски сектор беше зачувана, а истовремено беше зголемена отпорноста со преземањето на макропрудентните мерки од страна на централната банка. Во изминатите неколку кризни години, показателите покажуваат дека адекватноста на капиталот е на највисоко ниво во изминатите 17 години, додека нефункционалните кредити се блиску до историски најниското ниво. Кредитната активност, иако во еден период забави, и натаму претставува значителна поддршка за домаќинствата и за корпоративниот сектор, рекла гувернерката.

Ангеловска-Бежоска изразила благодарност до Камер за значајната поддршка што ММФ и ја дава на Народната банка во справување со неодамнешните незапаметени шокови. сст/бак/

Фото: Народна банка

 

 

Остани поврзан