• четврток, 13 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

СРД „Трофта" воспостави чуварска служба на Дебарско Езеро, планира поробување, а ја определи и висината на дозволите

СРД „Трофта

Дебар, 12 март 2025 (МИА) - Дебарското спортско риболовно друштво „Трофта" (пастрмка) како концесионер на Дебарско Езеро почна со зацртаните активности, пред се насочени кон заштита и збогатување на рибниот фонд во езерото.

- Она што ни беше приоритет е воспоставување чуварска служба 24/7, која веќе функционира и која има големо значење во сузбивање на риболов со недозволиви средства. Во оваа насока секако имаме добра соработка со Одделението за внатрешни работи, како и инспекторатот за рибарство, изјави за МИА, Бели Халити, претседател на друштвото.

Додаде дека деновиве утврдени се износите на средства за добивање дозвола за риболов на езерото.

- Дневна дозвола чини 250 додека годишна 3 илјади денари. За  контакт околу добивањето дозвола заинтересираните може да се јават и на телефонскиот број 076 207 864. Риболовци имаме не само локални жители, туку и од многу градови од земјава, како и од Косово, нагласува Халити.

Посочи дека во тек се активности за реализација на акции за порибување, кои ќе бидат неколку во текот на оваа календарска година и тоа со подмладок на пастрмка и крап.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, врз основа на Законот за рибарство и аквакултура, на СРД „Трофта" му ја додели концесијата  во времетраење од 12 години, на почетокот на минатиот месец.

Дебарско Езеро кое е познато по богатата флора и фауна, а дава и идеални услови и за водни спортови, без концесионер беше неколку години. Во овој период на доброволна основа за заштита на рибниот фонд се грижеше друштвото во соработка со дебарското одделение за внатрешни работи, кога во повеќе наврати беа откриени рибарски мрежи. вт/


Фото: МИА

Остани поврзан