• среда, 25 декември 2024

Србија одби да екстрадира поранешен украински разузнавач во Киев

Србија одби да екстрадира поранешен украински разузнавач во Киев

Белград, 5 октомври 2023 (МИА) - Апелацискиот суд во Ниш ја потврди првостепената одлука на Високиот суд, со кој се одбива екстрадиција на поранешниот украински разузнавач Андриј Наумов во Украина, јави дописникот на МИА од Белград.

Оваа одлука на правосудните органи на Србија да не го екстрадираат Наумов во Украина е правно обврзувачка, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) во Апелацискиот суд во Ниш.

Украина испрати на Србија барање за негова екстрадиција во средината на октомври 2022 година.

На 6 јули, Високиот суд во Ниш донесе одлука со која ја отфрли претставката на Украина, а Апелацискиот суд ја потврди таа одлука на 29 септември.

Наумов се спротивстави на екстрадицијата во Украина, тврдејќи дека неговата безбедност во тој случај ќе биде загрозена.

Поранешниот украински разузнавач беше уапсен на почетокот на јуни 2022 година на територијата на Србија на граничниот премин Прешево кон Северна Македонија заедно со германскиот државјанин Александар Акст, кај кого беа пронајдени повеќе стотици илјади евра.

Полицијата тогаш соопшти дека парите и дијамантите ги пронашла при преглед на автомобилот и дека „се сомнева дека потекнуваат од криминални активности“.

Според правниот застапник, Наумов ги негираше наводите од истрагата и тврдеше дека тоа се негови лични пари. Србија го сомничи за перење пари и во тој случај води посебна постапка.

Со одлука на Вишиот суд во Ниш на 29 септември, Наумов за тоа дело првостепено е осуден на една година затвор. Правосилна пресуда во таа постапка треба да донесе и Апелацискиот суд во Ниш.

Како што е потврдено за РСЕ, Наумов е во притвор од неговото апсење во јуни 2022 година. об/паг/ 

Фото: МИА архива

Остани поврзан