• понеделник, 23 декември 2024

Србија има вишок пченица, пченка и сончоглед, извозот е отежнат поради проблеми со логистиката

Србија има вишок пченица, пченка и сончоглед, извозот е отежнат поради проблеми со логистиката

Белград, 19 септември 2023 (МИА) - Србија годинава по жетвата на пченката ќе има вишок од околу 2,5 милиони тони, исто толку пченица и околу 100 илјади тони сончоглед, а извозот сега е значително отежнат поради логистичките проблеми, недостигот на транспортни средства и неговите трошоци, јави дописникот на МИА од Белград.

Директорката на Здружението за подобрување на производството и извозот на жита и маслодајни култури „Жито Србија“ Сунчица Савовиќ изјави за Бета дека домашниот пазар на земјоделски производи ја дели судбината на регионалниот и светскиот пазар на жита и маслодајни семиња, кој е преплавен со тие производи од Украина и други земји, па конкуренцијата е голема, а цените ниски.

-Од минатата година во Србија останаа големи залихи од 1,2 милиони тони пченица, 350 илјади тони најлош квалитет на пченка и 55 илјади тони сончоглед. Во текот на минатата година, поради политичката нестабилност и поскапувањето на пченката и пченицата на домашниот пазар, во еден момент на повеќе од 40 динари за килограм, производителите очекуваа дека тоа ќе продолжи со ист тренд, па не брзаа со продажбата, рече Савовиќ.

Таа додаде дека од март до април минатата година бил забранет извозот, а потоа, до крајот на јули, поради воведените квоти извозот бил отежнат, што ја намалило ликвидноста во житниот сектор во Србија.

Последиците од тоа, како што рече, ги чувствуваат сите во синџирот, од производители до извозници.

Пченицата, дури и кога ќе се најде пазар, не може да се извезува, според Савовиќ, поради логистичките пречки, транспортот и неговата висока цена или недостатокот на финансиски средства на извозниците да изнајмат по 10-20 баржи за прекуокеански брод за Африка или Југоисточна Азија.

Савовиќ рече дека е тешко да се прогнозира дали цените на овие стоки ќе пораснат, освен во случај на голема ескалација на конфликтот меѓу Украина и Русија, бидејќи дури и неодамнешниот напад со беспилотни летала врз украинските силоси во пристаништето на Дунав, Измаил, не ги поттикна да се порастат на долг рок. об/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан