• сабота, 23 ноември 2024

Спортските риболовци ја почнаа сезоната на акумулацијата Сандански

Спортските риболовци ја почнаа сезоната на акумулацијата Сандански
Делчево, 24 јуни 2020 (МИА) - Со таканаречената „крапска дружба" делчевските спортски риболовци ја почнаа сезоната на акумулацијата Сандански. Учесниците, од кои поголем дел искусни риболовци, истакнаа дека Сандански е акумулација што нуди одлични услови за спортски риболов особено за риболов на крап, кој е најзастапен во езерото.
-Времето денеска не послужи, риболовот се одвива во пријатна атмосфера. Веќе го имаме и првиот поголем улов, што за нас риболовците е сатисфакција. Благодарност до сопствениците, кои со почитување на препораките за заштита од вирусот, ни овозможија оваа крапска дружба да се одвива во најдобар ред, истакнаа спортските риболовци.
Освен на акумулацијата Сандански, честа глетка во Делчево се и речните  риболовци, кои и денеска можеа да се забележат покрај Кејот на река Брегалница.
-Спортскиот риболов е еден вид релаксирачки спорт кој може да си го дозволат само луѓе, кои имаат „смирен дух". Уловот понекогаш не е важен, колку што е важно чувството на опуштеност додека ловите риба. За нашето речно подрачје може да кажеме дека го нуди тој луксуз на отсутност од проблемите, велат затекнатите риболовци покрај кејот на река Брегалница.
Додаваат дека Брегалничката речна риба е се поретка, но поради врнежите нејзиното присуство годинава е поголемо во последните неколку години.вс/бт/

Остани поврзан