• сабота, 16 ноември 2024

Спасовски: Хероите вечно живеат, ова спомен обележје нека ја пренесе пораката за длабока почит, љубов кон татковината, мир и соживот

Спасовски: Хероите вечно живеат, ова спомен обележје нека ја пренесе пораката за длабока почит, љубов кон татковината, мир и соживот

Куманово, 23 август 2023 (МИА) – Љубиша Ранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илиевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самоиловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ се нашите херои кои го дадоа својот живот за нешто поголемо од себе. Ова спомен обележје нека ја пренесе пораката за длабока почит, љубов кон татковината, мир и соживот за сите идни генерации, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на откривањето на спомен-плочата во кругот на СВР Куманово на полициските службеници кои го положија животот во антитерористичката акција во „Диво насеље“ во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година.  

-Никогаш нема да се заборави оној кобен мај 2015 година кога осумината припадници на МВР во Куманово го покажаа врвот на патриотизмот жртвувајќи ги своите животи во вооружениот терористички напад во Диво насеље. И ништо не е исто после тој ден за нивните семејства, за другарите, колегите од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и од Единицата за брзо распоредување чии припадници беа, за моите кумановци и за Македонија, бидејќи болката никој не може да ја залечи, а длабоката почит кон нив останува засекогаш. Споменот на нашите херои никогаш да не биде избришан од меморијата на времето, рече Спасовски.  

Нагласи дека нема ништо поблагородно од жртвувањето на животот за својата татковина. 

-Знам дека ова знаме на јарболот нашето – македонското не се вее од ветрот, туку од последниот здив на секој наш припадник кој загинал чувајќи го токму тоа знаме. Денеска сме тука за да им оддадеме посебна почит и со оваа спомен-плоча која ја направивме заедно со Македонскиот полициски синдикат како паметник на нивната големина, храброст и жртва, како обележје дека хероите живеат вечно и тоа токму на Денот на формирањето на Единицата за брзо распоредување која што за дел од нив беше нивниот втор дом, рече Спасовски.

Оваа спомен-плоча, додаде, ќе биде и потсетник на Денот кој посакуваме никогаш да не се повтори кој остана врежан во колективната меморија на моите сограѓани, а со сигурност знам дека моите кумановци не забораваат ни добро, а уште помалку лошо.

-Не ја забораваат историјата, ниту хероите кои ја создале, но не забораваат ни дека соседот им е поблизок и од брат без разлика на верата и националноста.  И покрај големат траума токму благодарение на нивната прибраност злата намера на нарачателите на овој конфликт не го доби посакуваниот одговор. Впрочем, како што доликува на градот на непокорот и револуцијата, посочи Спасовски и порача дека хероите живеат вечно.  

Откривањето на спомен обележјето на полициските службеници кои го положија својот живот за почитување на Уставот, законот, мирот и безбедноста на државата се одржува на Денот на Единицата за брзо распоредување 23 август. Во паркот во Куманово граѓаните ќе имаат можност да се дружат со припадниците на Единицата за брзо распоредување, каде ќе биде поставена и опремата со која располага Единицата, така што граѓаните ќе имаат можност покрај дружбата со полициските службеници и да се фотографираат со опремата, да влезат во полициските возила итн. Централната прослава на свеченоста по повод одбележувањето на 22-годишнината од формирањето на Единицата за брзо распоредување е закажана на паркингот пред базенот во Куманово. вј/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан