• петок, 22 ноември 2024

Спасовски: Правната поддршка на ранливите жртви на насилство е прашање на мултисекторски пристап

Спасовски: Правната поддршка на ранливите жртви на насилство е прашање на мултисекторски пристап
Скопје, 19 август 2021 (МИА) - Правната поддршка на ранливите жртви (деца, жени, стари лица и лица со попреченост) на насилни кривични дела секогаш претставува прашање на мултисекторски пристап, при што од аспект на МВР, непроценливо е знаењето на полициските службеници и нивните компетенции кои ќе овозможат да се спречи дополнителна виктимизација на жртвата, односно жртвата навремено да ги добие сите свои права. Ова предмалку го напиша на ФБ министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој денеска се обратил на завршната Конференција на проектот „Правна поддршка на ранливи жртви на насилни кривични дела“, имплементиран од МЗМП и СОС Детско село Северна Македонија, а финансиран од ЕУ. - Во таа смисла во сите полициски станици на видно место е истакнат постерот во кој се наведени правата на жртвите, се планираат и спроведуваат континуирани обуки на полициските службеници, во Полициските станици Кисела Вода, Гази Баба, Гостивар, Кочани, Струмица, Гевгелија, Велес и Битола адаптирани се простории за разговор со ранливи категории на жртви, а на интернет страната на МВР функционира апликацијата Црвено копче, за електронско пријавување на злоупотреба на деца, трговија со луѓе, криминал од омраза и повикување на насилство, а објавен е и лифлетот со корисни информации од овој проект, објави Спасовски. Ова, напиша тој, се само дел од активностите кои ние, како МВР ги преземаме во овој домен, потврдувајќи ја заложбата за безрезервна ориентираност кон правата на жртвата, со системско превентивно делување и заеднички координиран пристап на институциите - бидејќи насилниците не можат да живеат со вистината, но жртвите не можат да живеат без неа! цр/са/

Остани поврзан