Спасовски: Во завршна фаза е иницијативата за креирање правна рамка со која најдобрите 10 студенти од Факултетот за безбедност ќе можат да станат дел од МВР
- Министерството за внатрешни работи и актуелното раководство на Факултетот за безбедност преземаа низа конкретни активности и иницијативи со кои голем број студенти од претходните генерации веќе се дел од МВР, а во завршна фаза е и нашата заедничката иницијатива за креирање правна рамка со која секоја година најдобрите 10 студенти кои завршуваат на овој факултет автоматски ќе можат да станат дел од Министерството, да го реализираат својот влог во образованието во обезбедување на безбедноста на целото наше општество, истакна Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на првиот академски час на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“.
Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Министерството за внатрешни работи и актуелното раководство на Факултетот за безбедност преземаа низа конкретни активности и иницијативи со кои голем број студенти од претходните генерации веќе се дел од МВР, а во завршна фаза е и нашата заедничката иницијатива за креирање правна рамка со која секоја година најдобрите 10 студенти кои завршуваат на овој факултет автоматски ќе можат да станат дел од Министерството, да го реализираат својот влог во образованието во обезбедување на безбедноста на целото наше општество, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на првиот академски час на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“.
Спасовски во своето обраќање пред студентите на Факултетот за безбедност рече дека овој факултет со несмален интензитет повторно го потврдува она што низ годините го создаваше и надградуваше, а тоа е своето научно-стручно портфолио и стожер на науката за безбедноста во образовниот систем на нашата земја.
- Стожер кој низ својот континуитет од основањето во 1977 до денеска може да биде горд на бројка од над 3600 дипломирани студенти во прв циклус, 140 магистри на науки и дури 43 доктори на науки од областа на безбедноста, кој макотрпно продолжува да го гради својот научен кредибилитет од четири и пол децении постоење, нагласи Спасовски.
Тој истакна дека со знаењето кое студентите ќе го стекнат на факултетот ќе бидат битен фактор и влог во целосниот опшествен развој и благостојба и образложи дека МВР изминативе неколку години го демонстрираше својот отворен и партнерски однос кон науката за безбедност и кон самиот факултет како врвна образовна институција.
На настанот по повод првиот академски час на Факултетот за безбедност, свое обраќање имаа и проректорот за настана на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, проф. д-р Цветко Андреевски, деканот на Факултетот, проф. д-р Никола Дујовски и д-р Иван Ристов, дипломиран студент на Факултетот за безбедност, магистер и доктор на науки од областа на безбедноста.
Андреевски истакна дека Факултетот за безбедност е членка на универзитетот веќе 20 години и им порача на студентите дека во текот на нивното студирање ќе имаат можност да црпат знаења од повеќе од 25 универзитетски професори, доктори на науки од различни области.
- Она што го очекуваме од вас е да бидете активни, да бидете љубопитни, да стекнете што повеќе знаења и вештини кои ќе може да ги искористите во текот на вашиот работен ангажман, им порача Андреевски на студентите.
Ристов во своето обраќање истакна дека живееме во време на информатичка технологија и дигитална комуникација.
- Во иднина најмоќни држави ќе бидат оние кои ќе можат да поместат и искористат материјални и човечки капацитети на еден драстично побрз и прилагодлив начин. Во ваков сложен и меѓусебно поврзан свет во кој живееме, размислувањето за иднината бара поставување на особено тешки прашања. Сепак, искуството не учи дека човековата историја се обвиткува во циклуси и константни поместувањана моќ и стари парадигми, нагласи Ристов.
Тој потенцираше дека сметам дека вработувањето на врвно едуциран кадар во државните институции е политика со која нашата држава стратешки би влијаела врз креирањето на својата иднина и навремено би одговорила на сите предизвици со кои се соочува.
- Во делот од мојот докторат, меѓу другото, напишав дека еден од најголемите безбедносни ризици во Република Северна Македонија е одливот на мозоци и недостатокот од човечки потенцијал. Ве повикувам со својот пример да ме демантирате, зошто вие не сте само студенти, вие сте иднината на наршата држава, им порача Ристов на бруцошите.
Деканот на Факултетот, проф. д-р Никола Дујовски, ги покани студентите, од денес до петок, да ги подигнат учебниците кои Факултетот ги подготви за нив.
- Ќе ги добиете сите потребни материјали кои што треба да ги совладате во овој и во сите наредни семестри, им рече деканот.
Тој нагласи дека во високото образование има корупција и ги покани студентите никогаш да не учествуваат во коруптивни активности и никогаш да не го толерираат таквиот однос кон колегите студенти и веднаш кај професорите надлежни за тој проблем да пријавите било какво сомнение за учество во коруптивни активности.
На првиот академски час на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ беа доделени индексите на трите студенстки со најдобар просек. сан/нд/
Фото: МИА